Патеписецот Евлија Челебија во 17 век веќе дава подетални податоци за кафеаните во Македонија: во Штип, кафеаната на Емир Ефенди секогаш била преполна; во Солун во 1668 година имало 17 исполнети кафеани, во кои забавата ја правеле свирачите, раскажувачите на приказни, имитатори- комедијанти; во Охрид во 1670 година имало 7 убаво уредени кафеани во кои се собирале учените; во Радовиш имало само две неубави кафеани; во Битола имало 40 кафеани посетувани од „поетите и заљубените“; на панаѓурот во Долјани имало над сто кафеџилници.

Освен овие податоци, постојат десетици описи на македонските кафеани во 18 и особено во 19 и на почетокот на 20 век. Така, Марк Мазовер открива дека во Солун кафеаните биле толку популарни, што кога кон крајот на 19 век властите донеле одлука улиците да добијат име, најголемиот дел од нив биле именувани по кафеаните што се наоѓале на истата улица. Меропи Анастасиаду, пак, дознава дека во 19 век, кога некој жител на Солун не знаел што да прави, отворал кафеана бидејќи за тоа му требало само скромна гарнитура и неколку садови. Таа ни ја раскажува приказната за кафеџијата Бекир Ага, африканец што живеел во Солун со своите четири жени и безброј деца, кој по смртта оставил тестамент со кој добро ги згрижил и жените и децата, иако цел живот се занимавал со кафеџиство и имал скромна кафеана. Англиската писателка Мери Аделејд Вокер ја опишува кафеаната Низамије во Битола во 1860-тите, каде што за првпат во османлиска Македонија навлегла европската мода, а на жените христијанки им било дозволено да седат во кафеанската градина.
Таа е Longchamps на Битола. Тука се собираат Турци, Евреи и христијани за да пијат ракија, да играат табла, а можеби и партија билијард. Во неделите и за време на празниците, женската градска елита седнува на столици во очекување намерниците да се воодушеват од нивната облека. Сеприсутната кринолина, и покрај недостатокот на парна железница, успеала да си го пробие патот дури и во дивините на Македонија, донесена веројатно на грбот на некоја камила […] Во последните десет или дванаесет години, многу од богатите влашки и грчки дами ја прифатија „франкиската“ гардероба, иако не и нашите навики и манири.

Со појавата на балканските пропаганди во османлиска Македонија, дошло и до промена кај кафеанските клиенти. Во Битола, Солун и Скопје започнале да се отвораат грчки, бугарски, романски и српски кафеани, кајшто следбениците на одредена пропаганда го минувале времето без да се мешаат со непријателот, иако непријателот понекогаш бил брат или близок роднина.

Никола Минов, Кафето и кафеаните во османлиска Македонија