Роден на 14.10.1968, во Битола, средно училиште за архитектура во Битола и Архитектонски факултет во Скопје. Неговото прво вработување е во битолскиот музеј во 1990 година. Во брак и татко на две деца. На социјалните мрежи тој стана препознатлив со неговите идеи кои се многу понапред со времето.
Г-дине Николовски, Вие сте вработени во НУ Завод и Музеј Битола, како Архитект, каде во еден мандат бевте и на чело на таа институција. Зошто само еден мандат ?
Дa бидам искрен, мислам дека еден мандат од четири години, му е доволно на било кој раководител за да ја исполни својата цел. Јас мојата цел ја исполнив во тој еден мандат. Мојата цел беше да направам музејска поставка, каде ќе бидат изложени сите арте-факти што беспотребно беа скриени од очите на јавноста, во депоата на битолскиот музеј. После завршувањето на тој огромен зафат, мојата институција ја доби престижната награда на меѓународната асоцијација на музеи “ICOM 2”, за најдобар Музеј на Балканот за таа година.
Нашите сознанија се дека во депото на Музеј Битола има уште многу, многу значајни работи кои сеуште не се изложени, како богатиот фонд на Зега, разни предмети од стари битолски фамилии и др. Какво “богатство” сеуште се крие во депото на вашата установа?
Депоата на битолскиот музеј, сеуште, и покрај 2020-те изложени артефакти, се преполни со исклучителни предмети од сите епохи на постоењето; Од праисторија, па до денес. Што се однесува до богатиот фонд на филмови од познатиот битолчанец Зега, можам да кажам дека моментално се врши целосна дигитализација, и штом заврши тој процес, битолчани секако први ќе имаат прилика да се запознаат со раскошот на старите фотографии од и за Битола. Куриозитет на битолскиот музеј е што во витрините на поставката е изложен најстариот арте-факт на Балканот: “Куќата од Породин” , стара повеќе од 6000 години пне. Македонија има најстар Неолит во Европа, и логично е што се започнува од тука, од Македонија.
На социјалните мрежи се појавија многу твои идеи и проекти, за тоа како може да изгледа Битола. Која е Вашата визија на таа тема ?
“Битолчанец не е географска одредница, битолчанец е состојба на духот”. Имајќи ја во предвид оваа умешна литературна кованица, секој човек кога ќе се доведе во ситуација да размислува или да твори на тема “Битола”, задолжително е да се однесува со пиетет и гордост. Моите идеи и проекти, се само одраз на мојата љубов кон моето родно место и значењето на пиедесталот, што Битола (недвосмислено) го заслужува. Тоа е длабоко во мене, во мојата DNK. Битола мора да добие поинаков однос од досегашниов. Битола, (длабоко во нејзините културно-историски корени), е своевидна држава во држава, во споредба со другите населени места во Македонија.
Дали Битола ќе има повторно шанса да биде тоа што била некогаш?
Битола го има потенцијалот, како ретко кој град во Македонија. Компаративна споредба на минатото и иднината, не е возможна бидејќи станува збор за огромна временска рамка, во која се случиле безброј настани. Но, тоа во што сум сигурен, е дека Битола го заслужува сјајот на големите европски метрополи, во секој поглед.
Кои се Вашите планови за во иднина и што е потребно за да има успех?
Моментално сум актуелен кандидат за претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. За успех има само еден рецепт: Сите интелектуални и организациони способности да се стават во служба на една и единствена цел, а таа цел во конкретниов случај има едно име: “ОБЕДИНУВАЊЕ”. Јас, докажав дека го имам тој капацитет, со примерот на успесите во битолскиот музеј. И кога на сето тоа ќе им се додаде силната верба и позитивната енергија, тогаш мислам дека успехот е неизбежен. Битолчани ги препознаваат таквите луѓе. Убедлива победа на следните локални избори е мојата светла точка, на крајот од тунелот.