Зад многу успеси и постигања
на спортистите заслужни се многумина меѓу кои се и наставниците по физичко образование. Нивната заслуга е голема и заради здравиот и спортски живот што им го “наметнуваат“ на своите ученици, или млади спортисти. Еден од таквиот голем број наставници по физичко воспитување е и Никола Поповски, попознат како Попето. Тој по некоја едноставна статистика тренирал над пет илјади млади фудбалери, што низ образовните процеси, што низ фудбалските стадиони каде бил ангажиран.

Со години е реномиран наставник по физичко образование и тренер на младите екипи на Пелистер. А, започнал со голема љубовнкон фудбалот. Како младинец играл во градски екипи, извесно време и во Оптичари, а по завршувањето на Факултетот за физичка култура целосно му се предава“ на образовниот процес. Работи во селата Велушина, Добрушево, а на последните 14 години е во битолското основно училиште “Гоце Делчев“. Не стана познат фудбалер но затоа пак се формира како реномиран просветен работник и тренер, кој за својата дејност и ангажирање има освоено и бројни награди и признанија.

-Во редовите на битолски Пелистер се влучив исклучиво по ангажирањето на Митко Бутлевски, кој во 1981 година за тренер го “донесе“ Жарко Недељковиќ. Јас бев помошен тренер, а две години потоа го формирав првиот женски клуб во државата “Битола“. Во 1986 година пак се ангажирав во Пелистер, овојпат како тренер на младите кадети, а подоцна до 2003 година бев и тренер и координатор на ангажираните тренери. Во 2004 година бев претседател на младинскиот фудбал во Македонија, а од 1 април 2011 година станав координатор на Едукативниот центар во Македонија, на кој се едуцираат тренерите. Овде сум и предавач, вели Поповски.

Така раскажува Попето, редоследно за своите почетоци во фудбалот. Прилично помни датуми, настани и имиња на тренери, членови на управи, фудбалери. Извесно време беше и трнер на првата екипа на Пелистер, кога во него беа ангажирани и познатите фудбалери “од страна“ Јовашевиќ, Блажиќ, Косиќ, Тутиќ, Алексовски, а потоа и Пане Блажевски, од домашните фудбалери во екипата беа голманот Томе Димитровски-Тарзано, Пепи Упалевски, Василев, и други.

Со Недељковиќ работи неколку кола, а потоа преминува во младинските, кадетските и пионерските школи на Пелистер, каде е и најзаслужен за развојот на многу познати и афирмирани битолски фудбалери.

Додека тој работи со младите во клубот како тренери беа ангажирани Чабриновиќ, Остоиќ, Димовски, Павловиќ и низа други тренери од пошироките југословенски простори. Од тие негови спомени не може да ја заборави reнерацијата фудбалери од 1963-64 година, кога во редовите на клубот беа: Голманот Сашо Петровски, Пеце Миленковски, Менде Ралевски, Зекманов, Бранче Божиќ, Аце Василевски и др. Тука ги споменува и другите фудбалери на Пелистер како што се Николче Новевски, Бруно Пресилски, Илир Елмазовски, Златко Деловски итн.
Некои од фудбалерите кои пак
тогаш ги тренираше стигнаа и до
репрезентативниот дрес и ден-денес му останаа во сеќавање со својата пожртвуваност и ентузијазам во фудбалската игра. Заради таквата ангажираност во женскиот фудбал извесен период беше и помошник -тренер на Репрезентацијата на Југославија и селектор на младинските тренери.

-И покрај сите мои ангажирања најзадоволен сум што несебично се ангажирав и со задоволство ја извршував улогата младите ученици да ги воспитувам во спортски дух, да станат физички способни личности, добро воспитани, да имаат успешен психо-физички развој и да го сакаат спортот. За таквата моја ангажираност во училишните образовни процеси имам примено многу награди и признанија, а како голем успех ја сметам и ангажираноста кога во 2004 година формиравме младинска фудбалска школа во Македонија, каде учествуваа 12 младински и 10 кадетски екипи.Имав подготвено посебна програма за пионери-фудбалери, распоредени во 8 региони во државата со 120 екипи. Со овај проект се најдовме во УЕФА, вели Попето, истакнувајќи дека како тренер на младинските фудбалски екипи, меѓу првите ја дал иницијативата да се формираат приватни фудбалски екипи.

Денес ги има околу 300 во државата, а три и во Битола.Тој е еден од редовите на оние стручни спортски лица што знаењето стекнато во образовните процеси го рефлектираат низ практиката, но сепак а своите успеси на тој план -несобично ги издвојува Славко Матовски и Жарко Недељковиќ. Вели дека одредени искуства црпел и од искажувањата на познатиот Миљан Миљаниќ,

кој како роден во Битола многу го сакал овој град, а дури и на неговиот неодамнешен погреб во Белград, во “испраќањето“ меѓу низа познати спортисти и имиња, со гордост се пеела “Битола мој роден крај“.-Имам многу спомени за раскажување, но во оваа прилика би го издвоил сеќавањето на првиот меѓународен турнир што во иницијатива на Митко Бутлевски се одржа во 1995 година во знак и сеќавање на фудбалерот и тренер Наум Бутевски. На овој турнир чиј бев активен учесник, учествуваа екипи од Македонија, Бугарија, Југославија. Турнирот беше оценет мошне успешно и штета е што не стана традиционален, зашто низ него се афирмираа многу млади фудбалери, а беше поддржан и од публиката, вели Попето.
Меѓу спомените поврзани со
образовните процеси и фудбалскиот терен ги издвојува и некои од сеќавањата, кога од било каде, или обично на улица, ќе го сретнат ученици и “деца“, што ги тренирал и кога му ја пофалуваат неговата предана работа.

-Тоа е големо задоволство, а
дури и поголемо од разните писмени признанија, истакнува Попето.


Никола Поповски Попето почина денес на 63 годишна возраст. Нека почива во мир.


Текст Петар Ставрев за Битолски весник 15-ти февруари 2012

Фотографии Сашо Ставрев