Рашел Нахмијас е моментално најстарата битолчанка која за некој месец прави 101 година и живее во Соединетите Американски Држави. Со Сара Ароесте се во голема роднинска врска. Во еден период нивните две фамилии живееја во куќата на Широк Сокак.

Сара и Рашел

Живо сведоштво на Рашел Нахмијас:

Последен пат ја видов мојата мајка на 10 март 1943 година

Војната започна на 6 април 1941 година. Два дена подоцна ја имавме германската војска во градот. Нашата држава се викаше Југославија. Градот Битола се наоѓа во близина на границата со Грција и со Албанија. Моите родители, помладиот брат и јас живеевме во удобна голема куќа на главната улица. Во таа улица имаше хотели, ресторани, кино и кафанчиња, каде што луѓето одат на кафе и колачи. Навечер луѓето го користат корзото за да се сретнат со пријателите и да одат нагоре и надолу. За кратко време сите тие работи се менуваат посебно за нас еврејските жители. По инвазијата на Германците им дадоа власт на бугарската војска. Претпоставувам дека тоа беше некаков договор.
Евреите почнаа да носат жолта ѕвезда, им беа забранети училиштата, продавниците и имаа полициски час. Во 18.00 ч. не смееше да ги има на улиците од градот, само на специјално означени улици. Пријатели на татко ми го прашаа дали на Албанскиот конзул ќе му ја изнајми куќата каде што живеевме. Имавме голем двор со една соба и мала кујна. Моите родители рекоа дека ќе се согласат во еден услов; ако тие ни дозволат да имаме само една соба каде што можеме да спиеме, сите четворица заедно. Конзулот се согласи и така им ја изнајмивме куќата според договорот. Жената на конзулот беше бремена. Бебето е родено во нашата куќа. Неколку недели подоцна, татко ми го зедоа Бугарите. Го испратија во Бугарија во некое мало место. Од него добивавме пошта и можевме да му испратиме некои топли алишта и храна.
Секој ден имавме некои нови закони. Еден ден дојде законот дека не можеме да живееме на главната улица и моравме да се иселиме на 1 март 1943 година. Бугарите ни најдоја стан во еврејското маало. Тоа беше многу тешко за мајка ми, но ние не можевме да направиме ништо. Сами ја преместивме спалната соба и најважните потребни работи. Во тој период се зближив со мојата мајка. Имаше моменти кога не зборувавме, се држевме само за раце. Имаше моменти кои уште ден денес ги чувствувам. На 10 март 1943 мајка ми ми кажа дека треба рано да одам кај конзулот и да побарам пари. Мојот татко во доверба му ги даде него пред да го испратат во Бугарија. Ми кажа дека мојот помлад брат решил да оди со партизаните во планините. Мајка ми и јас бевме против тоа бидејќи тој беше толку млад; само 12 години. Тој беше многу упорен бидејќи се имаше оформено група за заминување тоа рано утро. Решив да одам, да го прашав Конзулот за пари. Дојдов таму рано попладне, пред да замине во канцеларија. Бев во многу добри односи со конзулот и сопругата со бебето. Му реков дека доаѓам да го видам и дека ми требаат пари. Тој ми го даде она што го барав и ме повика во друга соба со него и со неговата сопруга. Ми кажа дека сум во опасност. Тој видел некоја телеграма во италијанскиот конзулат дека германците ќе го земат еврејскиот народ на возраст од 18-25 години. Тој рече дека и јас сум во таа категорија. Откако ми кажа рече дека ќе видиме што ќе биде и дека треба пак да дојдам кај нив за да ме спасат. Немав време за губење, бидејќи беше веќе 21 ч. морав да одам барем половина час да разговарам со мајка ми да ѝ раскажам што ми пренесоа. Отидов веднаш, дојдов дома, им ги дадов парите на мајка ми. Почнав да и кажувам што ми кажа Конзулот. Мојот помлад брат не беше дома; тој морал да ја запознае групата и да го планира своето бегство.

Сара Ароести и најстарата битолчанка Рашел Нахмијас

Тој ден (10 март 1943 година) во еврејската заедница пристигна телеграма дека татко ми од Бугарија заедно со други мажи ќе бидат испратени дома следниот ден. Мајка ми беше многу среќна за веста. Кога ѝ кажав што ми раскажа конзулот за германците дека планираат да земаат мажи и жени на возраст од 18-25 години, мајка ми ме погледна и ми рече: “Гледај ќерко, немаш многу време да заминиш. Сега оди и не размислувај за нас. Таткото ти доаѓа утре, твојот брат си заминува рано наутро. Откако ќе дојде татко ти, ќе дојдеме и ќе те посетиме. Ако треба останете таму или вратете се дома. Таа ме потурна на вратата да излезам побрзо, не се сеќавам дали ја гушнав. На вратата дојде мојот помлад брат кој запраша. “Каде оди Рашел?”, Мајка ми одговори: “Кај комшиите.”

Сигурно после му објасни откако јас заминав. Мајка ми ја затвори вратата и тоа беше последен пат кога ја видов. Следниот ден, на 11 март, го зедоа целиот еврејски народ во еден ден – млад, стар, болен. Мојот помлад брат немаше време да замине. Германците го блокираа градот тој ден. Немаше продавници, немаше луѓе на улиците. Тоа беше последен пат кога ја видов мајка ми и брат ми…”

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here