Битката кај Радуша е серија од вооружени судири помеѓу македонксите безбедносни сили (АРМ и МВР) и албанските терористи на ОНА во областа околу селото Радуша, во близина на границата со Косово. Првите судири се појавуваат кон крајот на месец јуни, а главната битка започнува во средината на август, 2001. Битката кај Радуша важи за најжестоката битка во целата војна 2001 година. До ден денес за многу од нас не е познато што навистина се има таму случено. Одблиску еден припадник на посебната битолска единица на Полицијата одлучи да не запознае сите со нивната храброст за која слободно може да се речи дека мајка Македонија повеќе не раѓа такви деца. Тој за Македонска Одбрана започнува вака:

„Првата престрелка беше во месец Јули 2001-ва, помеѓу група на УЧК и припадници на единицата ПЕП (Крива Паланка) со резервен состав.

Битката која се спомнува почна еден ден по масакарот кај месноста Карпалак. Како припадник на ПЕП(Битола) во селото Радуша пристигнавме на денот на заседата кај Карпалак (08.08),за немилиот настан разбравме од колегите ПЕП(Велес), кои во тој момент ги заменивме од позициите. Денот го поминавме во набјудување, поставување позици и проучување на теренот, бидејќи не ни беа кажани точните позиции на резервниот состав на МВР и АРМ.

Со позициите се запознавме сами, по радио врска и телефон, забележавме дека во полициската станица долу во селото има 30-тина резервисти на МВР, две митралески гнезна лево над селото и десно над езерото, една мала караула на АРМ десно на ридот над селото десетина резервисти и еден активен старешина, еден тенк Т-55 и еден хермелин, бетонски бункер од Втората светска војна на самиот врв на ридот на десно од селото, го користеа наши колеги од ПЕП.

Смената ни почна во 07:00ч. следниот ден, од бункерот од кој требаше само да посматраме. До него имавме импровизирано снајперско гнездо со М-93 Црна Стрела и РПГ-7. Во текот на смената ги посетивме и припадниците на АРМ во караулата која беше од 200-300 метри од бункерот. Се до 18:30ч смената се одвиваше мирно без ниту еден испукан куршум. Сѐ се смени кога еден авион Сухои Су-25 на АРМ надлета над селото Радуша и тогаш за прв пат,од селото се отвори оган од митралез кон авионот на АРМ. Кога истиот го напушти реонот на селото, огнот го насочија кон нас и многу добро се сеќавам како зуеја куршумите околу нас, додека се спуштавме кон нашиот штаб, сместен во една напуштена куќа во подножјето на ридот.

Престрелката продожи спорадично и доби на интезитет околу 20:00ч, кога почнаа да гаѓаат со минофрлачи и ракетни фрлачи, точно ги знаеја нашите позици. Нешто пред 21:00ч. се огласија големи експлозии на ридот над нас, подоцна ни беше кажано дека тоа биле гранати од хаубица од Косово. Сѐ се смири околу 21:30ч. Немавме контакт со колегите во бункерот, околу 22:00ч. се искачивме до нив да провериме дали се добро, врз нас во тој момент беше oтворен оган, но успеавме да се пробиеме до нив,се уверивме дека се добро и пренесовме преку врска.

Тие ни раскажаа за страотната детонација на гранатите од хаубицата. Се беше тивко до 02:00 кога со една светлечка и две минофрлачки мини започна главниот напад на УЧК, во ноќта се провлекле и поставиле помеѓу нас и караулата на АРМ, беше тешко да се дејствува, поради големата можност за вкрстен оган со војниците на АРМ, но сепак дејствувавме по нив. По радио врските од митралезските гнезда бараа поддршка, терористите им се приближиле многу блиску, се гледале едни со други, имавме среќа и имаше Господ таа вечер го одбивме нападот и се извлековме сите живи, освен еден војник на АРМ кој беше ранет и во сред битка со хермелинот,беше однесен за Скопје.

Нападот траеше до 08:00ч,од тој момент по радио врска почнавме да бараме помош, бидејќи муницијата ни беше преполовена, немавме доволно вода, а беше премногу опасно поради теренот. Ни беше кажано дека е доста опасно и нема дозвола летање за хеликоптер ниту за авион. Двата приода од Скопје и Чашка најверојатно биле минирани во текот на ноќта. Тие неколку часа не можам да ви ги опишам како се чуствувавме. Од сртот на планината Жеден на нас беше пукано со снајпери и митралез, враќавме на слепо, после 2 часа успеавме да лоцираме две нивни гнезда.

Околку 14:00ч ни се појави првата надеж за помош и спас. На небото се појавија два хеликоптери Ми-24, кој отворија директен оган по нивните позиции, но тоа траеше кратко неколку минути и потоа заминаа. Следеше кратко затишје, а потоа почна да гаѓаат по нас со што имаа, небото татнеше. Во тие престрелки следеше уште еден момент на надеж, авион Сухои Су-25 прелета преку селото и на враќање го бомбардираше делот помеѓу на нас, селото и подножјето на ридот пред нас, на некој 500м од нас од каде највише се дејствуваше на нас. Подоцна во бункерот стигна едно оделение како засилување ,бевме преморени и деморализирани. 4-ца од 8-те полицајци решивме да се повлечат до штабот, во бункерот останавме 4-ца.

Околу 21:30ч. ,повторно бевме нападнати, но не се дејствуваше по бункерот, експлозиите од минофрлачи се огласуваа долу, зад нас, околу штабот. По врска бевме известени дека ПЕП(Прилеп) и припадници на ЕСЗ Тигар пристигнале во Радуша, ќе се упатат кон бункерот и да не се отвара оган кон нив. Тука се случи најголемата грешка и пропуст во кординацијата на раководителите. Место да се повлечеме во штабот и да одмориме, падна наредба да се товараме во оклопните транспортери и да се повлечеме во базата во Скопје…

НИКОГАШ НЕМА ДА СИ ПРОСТАМ ШТО ГИ ОСТАВИВМЕ КОЛЕГИТЕ, А ПОСЕБНО РЕЗЕРВИСТИТЕ ВО ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА ЗА КОИ НЕМАШЕ НИКАКВА ПОМОШ НИТУ ЗАМЕНА, БЕА ОСТАВЕНИ НА ЦЕДИЛО !!!

При повлекувањето пет припадници на ПЕП(Прилеп) беа ранети од граната, но тоа не ги обесхрабри ПЕП(Прилеп) да останат во Радуша, таа вечер ние се повлековме во Скопје а тие останаа во селото. При влез во Скопје, во Ѓорче Петров, во место стоеше колона на ЕСЗ Тигар, со оклопни транспортери Леонидас, БТР, хермелини, од нив добивме одговор дека не им давале наредба и не им дозволуваат два дена да дојдат на помош во селото. И ден денес не ми е јасно зашто?

Следниот ден откатко ја потрошија цела муниција, околу 17:00ч,ПЕП(Прилеп) се повлекоа во Скопје, заедно со резервниот состав. Ден покасно,се случија настаните во селото Љуботен, бевме во приправност со полна борбена опрема. Да бидеме на чисто битката за Радуша се случи помеѓу масакарот кај Карпалак и настаните кај Љуботен. Учесници беа ПЕП (Битола 07-09.08), ПЕП(Прилеп 09-10.08), резервистите на АРМ и МВР. Најголема заслуга имаат војниците на АРМ од караулата Чашка,кој дејствуваа со повеќецевни ракетни системи (т.н Град систем) , со кои бевме во редовна кординација и комуникација.

Поради нив сме денеска живи и здрави…

Почитувани како директен учесник во настаните, Ви тврдам ова е вистината за Битката за Радуша“ …на крајот завршува тој.

Фото и интро Википедија