Лексемата сарај (saray) во почетокот означувала раскошна куќа, палата, подоцна станал дом на везир, на паша, потоа резиденција за султан, за да стигне до седиште на управна власт. Потеклото и` е персиско, во нашата средина ќе дојде преку турскиот јазик.
Битола во османскиот период неколкупати прераснала во средиште на Румелискиот ејалет, оттаму и седиште на везир, па неговиот дом и неговите службени канцеларии да се именуваат со Валијатски сарај. Во градот останал запаметен со најчестата и скратената форма – Сарајот.
Во двевековната валијатска историја на Битола забележени биле пет сараи, сите подигнати на исто место, покрај реката Драгор, на денешното место каде се наоѓаат Град-ската куќа и дел од Судот. Првиот потекнувал од првата половина на XVIII век, зашто Битола како валијатско седиште станува токму во почетокот на истиот век 45. Од каква градба бил и кои придружни објекти ги поседувал, нема податоци.
Ахмед-паша бил првиот валија кој дошол во Битола. Пристигнал во 1751 год. и останал до 1762 год. Се сместил и живеел во сарајот, службен објект кој се користел и при посети на високи личности. Како и повеќето објекти од тој период, бил од дрвена градба. Врз него валијата извршил незначителни градежни интервенции, но останал запаметен и како добротвор. Со лични средства подигнал неколку јавни чешми, извршил корекции врз градските јазови и придонел Битола да стане нешто поубав и почист град. Неговиот наследник, Али-паша (1762-1765), во 1763 год. целосно го возобновил валијатскиот амам. Непознато е дали третиот валија, Мехмед-паша, кој на тоа место останал до крајот 18-от век, презел некакви ин-тервенции и врз сарајов и врз комплексот околу него.
Овој познат и влијателен дом не само за Битола, целосно е уништен во пожарот од 1775 год., кога настрадале и поголем дел од станбените и други објекти од регијата. Веднаш бил возобновен, но и возобновениот нешто по-доцна настрадал од пожар. Во најдолго сеќавање останал претпоследниот, Четвртиот сарај, подигнат во 1831 год. од Ахмед Ејуп паша. Сличен му бил на денешниот објект на Завод и музеј, но значително поголем и пораскошен. Марко Цепенков, кој извесен период живеел во Битола, велелепноста му ја споредува со т.н. „Палатата на Змејот од Пелистер“. Ласкави оценки оставиле и многумина други. Настрадал за време Првата светска војна.46
42. Турски документи за историјата на македонскиот народ, том први, 80
43. Исто, том втори, 91
44. Сиџил бр. 14, 1656 јуни 6
45. М-р Драги Ѓорѓиев, Битола и Битолскиот вилает во средината на 19 век (административно уредување и демографски податоци), Битола и Кемал Ататурк, Битола, 1998, 38
46. Александар Стерјовски, Битола – Реката Драгор, НУУ Национална и Универзитетска библиотека „Св. Кл. Охридски“, Битола, 2009, 215-222
Извадок од книгата КАЛЕИДОСКОП на професорот Александар Стерјовски , која е дел од нашата електронска збирка ТУКА