Не дека нема убави девојки.
Секаде ги има.
Ама никаде како во нашата Битола.
Бре, таа убавина која сите луѓе ги привлекува. Таа висока става и тенка половина. Тие долги руси коси кои како што викаат ветерот да ги носи.
Ете таква е битолската девојка. Од убава поубава. И некогашната ама и денешната.
Иако модата со годините се менува и многу нови работи доаѓаат, сепак кога жената е убава тоа се забележува.
Не дека сме од овој крај, ама тоа уште од дамнешно време се знае дека кога ќе се бара девојка за жена, прво во Битола се гледа.
Затоа што, само тука може да ги видиш девојките стокмени и стросани во текот на денот. Парфем ставен за цел Широк Сокак да мириса кога таа минува. Фризурата секогаш на место скоцкана. А да не зборуваме за облеката купена од некој бутик во пазарот.
Сѐ на место. Зашто така сме научени.
Ете, тоа е. Убавината на битолските девојки. И внатрешната која е вечна, но и надворешната која е минлива.
Битола и нејзините привилегии.
Ако некогаш имаш можност да наминеш во нашиот град, само на час или два. Прошетај, разгледај, дознај.
Гледај ја убавината на градот но и на девојките во него. Убавината која ја имаат тие млади зрели девојки.
Нивната тенка половина и тенок струк.
Нивната руса коса која како што викаат ветер да ја носи.
Нивниот начин на одење и манирите кога се надвор.
Убавиот парфем и шминката.
Погледни ја таа денешна младина. И воопшто немој да се разочараш кога ќе се присетиш како било во минатото.
Како наместо денешните мини фустани се носеле до под колена.
Наместо таа шминка која денес е налик на професионална се ставало само малку руменило и тоа позајмено од некоја трета другарка.
Немој да се разочараш кога ќе ти текне дека порано девојките биле срамежливи и внимавале што прават надвор за разлика од денес каде прават што ќе стигнат.
Но, знај дека тука нивниот карактер е сличен. Тука владее нашиот кабадајлук, нашиот темперамент. Ставот кој се пренесува од генерација на генерација. Отменоста на една фамилија.
Ете тука во Битола тоа го имаме. Убавината и гостопримливоста.
Тврдоглавоста и пофалбите.
Меѓусебното помагање и дарување.
Тука, во Битола ние имаме се.
Жители.
Како ниту едни други.
Текст Марија Стојановска
Фото насловна Ангела Митковска