Светлана Папачек писателка

За убавината на битолчанки се зборувало и се зборува од тука, низ Европа, па се до Стамбол. Се пишувало на долго и на широко. Се пеело и се љубело. Ачик и тајно.
Кога љубовта ме донесе во Битола увидов дека тоа е вистина. Битолчанки држат до себе кога е во прашање физичкиот изглед, косата, ноктите, чанта, чевли, облека… Не бадијала се наречени кокони битолски :). Има голема вистина во името кокона.
Моите видувања и критериуми за убавина освен горе споменатите се и внатрешно негувана жена, во душата. Срцето да ти е убаво. Сигурна сум дека битолчанки не заостануваат и во ова. Залудна е убавината на брендот што го носиш на снагата ако срцето и мислите ти се црни. Ни илјада брендирани облеки не ја заменуваат убавата душа.
Ќе речам, некој се раѓа со убава става, а некој со убава душа. За жал двете не одат во пар.
Ќе го цитирам нашиот великан Петре М. Андреевски во врска со убавината за да разберете што сакам да кажам.
„Никаде да не одиш со грд човек. Со грд човек секаде ќе ти биде грда работата. Ќе си земеш некој убав човек со голема сенка и насекаде свртен. Од која страна да го погледнеш, оттаму да му се гледа лицето. На сите страни да има лице. И тој не мора ништо да зборува ами остави го само до тебе да стои. Покрај убавиот човек и ти ќе бидеш поубав. Оти се рекло: убавината секогаш изгледа невино иако најмногу гревови носи… Само убавината прави пазар.“
(Последните селани, 1997)

Нека ни е честит денот.
Да славиме уште поголеми успеси во иднина.

Мила Рориќ архитектка

Што претставува за мене убава женa во битолски контекст? Храбра жена која не се труди да се вклопи во шаблон, туку свесно го трасира својот пат според сопствените стандарди за успех, напредок, убавина… Мојата лична хероина и пример за жена со интегритет е мајка ми, a секојдневно учам и се инспирирам од жените од моето опкружување – пријателки, роднини, колешки, познанички. Не плашете се да ги поддржите другите жени во нивниот успех, учете ги вашите ќерки да бидат самоуверени и бестрашни, бидејќи само со реализирани жени можеме да изградиме поквалитетно, поправедно општеството за сите нас. Бидете храбри, не „совршени“! Среќен 8 Март!

Јасна Николовска Бадникови Поворки

Убавината на битолчанки. ВИСТИНА!
Битолчанки, од памтивек важат за репер за женска убавина. Низ времињата се менувале критериумите и вредностите, но правата битолчанка е секогаш истакната, по нешто баш својствено за неа. Се уште веруваме дека убавината не се мери по скапата гардероба и материјалната состојба. Права битолчанка се препознава по стилот и она што ја прави посебна и убава е уникатноста. Најубавите битолски дами, во овој период се истакнуваат и се препознаваат во повеќе сегменти. Едни се отмени, одмерени, дотерани чии вештини и способности се истакнати во сопствен бизнис. Други убави битолчанки се издвојуваат по достигнување на семејни вредности. Има многу битолски дами кои ги насочиле своите предности и енергија кон разни хуманитарни и акции за унапредување на заедницата, на културата, уметноста и развој на градот воопшто. Битолчанките се убави заради своите карактеристики најчесто. Правата битолчанка е природно убава, одмерена, добро воспитана и жена која знае колку може и прави уште повеќе од тоа во било која сфера и тоа ја прави најубава, секогаш на чекор пред другите.