qrf_vivi

Минуваат денови, месеци, и години. Се менуваат занаетчиите во Чаршијата. Некои остануваат запаметени кај многу генерации. Некои заради квалитетните производи услуги, некои и заради својот добар однос кон муштериите и граѓаните. А најповеќе кај своите потомци, наследувајќи ги во нивната дејност, не ги забораваат сугерираните „марифети” за стекнување на авторитетот што тие го имале. Во строгиот центар на Чаршијата беа лоцирани повеќе леблебиџиски дуќани.
Меѓу леблебиџилниците што го практикуваа овој занает беше и Мухарем Изеири. Неговиот дуќан леблебиџилница „Рекорд” на ул. „Далматинска” бр.9 (денес „Марјан Божиновски”), многумина само добивале квалитетни производи, туку беа задоволни и од услугите и односот на Мухарем. Низ Чаршијата и занаетчиите има луѓе што за него и денес зборуваат позитивно и со добри зборови, иако тој почина во 2011год.

За него велат дека се вбројува во незаборавните занаетчии, зашто беше познат и како активист во Занаетчиската комора. За да дознаеме нешто повеќе за него го посетивме споменатиот објект кој сега повеќе не е леблебиџиски,
туку ресторан за скара и други јадења. Во него сега работи синот Решат со кого поразговаравме за работата и советите што тој ги добиваше од својот татко леблебиџијата Мухарем.

Решат Изеири

-Пред се да ви кажам дека татко ми, ме советуваше дека во секој занает важен е односот кон муштериите. Со нив треба да се има добар однос и расположение. Кога започнаа од странство да се увезуваат леблебии и да се продаваат во маркетите, ние не можевме да ги конкурираме нивните цени, иако продаваа неквалитетни леблебии, леблебиџиите од Чаршијата постепено почнавме да се преориентираме со занаетите, заради што јас се определив за угостителска дејност. За сега добро работам и имам муштерии што се задоволни од храната што им ја нудиме – започна да ни кажува Решат, сега со угостителски дуќан познат како „Кај аџијата”.

Го запрашавме за некои основни податоци за неговиот татко Мухарем.

-Татко ми Мухарем беше роден во Тетово во 1940г., а на својата 12 годишна возраст дојде во Битола. Со него дојдоја татко му (а мој дедо) Исен, мајка му Азбие. Подоцна се ожени за Вахиде. Покрај мене Решат бевме уште братот Хамзи и сестра ми Азбие. Татко ми цели 40г. работеше како леблебиџија. Во дуќанот имаше и работилница и магацин. Работевме сланоток кој го добивавме од селата, Куманово, а од други места. Имаше казан дрмон за сортирање, а продававме
леблебии (разни врсти), солена леблебија, сланаток, кикири, суво грозје, најбарана беше шарената леблебија. Беше чесен човек и работлив. „Прашај кој сакаш за него во Чаршијата, ќе ти го кажи истото“ вели Решат.

Леблеџилница Рекорд, сега меанче „Кај Аџијата“

Разговараме со него за татко
му Мухарем, за минатото вл занаетчиството но, и за неговиот денешен живот и работа.

– Поранешни дуќанции околу дуќанот ни беа Васко- крпачот, Душко- дограмацијата, Томе- леблебиџијата и Алеко- леблебиџијата, Виде-електричарот, Крсте- шнајдерот, Пецо Мустакот- папучар и други – вели Решат.

А на масите седнати муштерии ja очекуват порачаната храна. Решат де кај нив, де нешто да ни каже нас. До 1990г. леблебиџискиот занает како-така се одржуваше. По една година тој започнал угостителство, завршил угостителско училиште. Оженет е за Халиме и има две ќерки. Халиме (како мајка и) и Вахиде (како баба и) и син Фикрет. Подготвува скара готови јадења и „чаршиско воспитување”, што го добил од неговиот татко Мухарем, но вели за жал се помалку го има во Чаршијата. Многу работи се изменија, а со нив и односот на неговиот татко. Советите од него не може никогаш да ги заборави и тие му се предизвик во секојдневна угостителска дејност. Некогаш леблебивче по леблебивче, денес ќебапче по ќебапче, занаетот си „течи”.

Петар Ставрев за весникот Занаетчија