Битолчанецот Тони Наумовски е роден во Сиднеј, но скоро цело детство го поминува во Битола, Брусничка населба. Неговата фамилија е по потекло од с. Ротино, затоа некаде ќе го сретнете со уметничкото име Toni Rotino. Неговиот брат е Борче Наумовски, познат македонски фолк пејач на забавна и народна музика кој и ден денес живее во Битола. Беше ученик во ОУ Елпида Караманди, па СОУ Ѓорги Наумов Битола. Битолчани го паметиме и како голем љубител на музиката и виртуоз на тапани.
Актерската кариера ја започнал на 16 години, кога се зачленил во една локална македонска актерска група наречена „Талија“. Својата прва професионална улога ја одиграл во 1996 година, во претставата „Ромео и Јулија“ во Македонскиот национален театар во Битола. Во 1996 година се запишал на Националната академија за театарски и филми уметности (НАТФИЗ), во Софија, во класата на Стефан Данаилов, а студиите ги завршил во 2000 година. Постдипломските студии ги завршил во 2003 година во Сиднеј. Исто така, Наумовски добил стипендија од институтот за театар и филм на Ли Стразберг. Наумовски покрај мајчиниот македонски, зборува и англиски, српскохрватски, бугарски и руски. Наумовски глумел во “Ова не е американски филм” на Сашо Павловски, каде ја играл улогата на Боксерот. Исто така, играл и во филмот “Медена ноќ” на Иво Трајков и во филмот “Панкот не е мртов” на Сашо Павловски. Во однос на театарската игра, Наумовски остварил улоги повеќе од 40 улоги, како на пример: “Еден лет над театарот во Косово”, “Вдовицата Шејлок – Еврејката од Венеција”, “Цар Едип” итн. За улогата на Диц, СС-офицер, во претставата “Sawbones and the Diamond Eater”, тој бил номиниран за наградата на Њујоршката фондација за иновативен театар, во категоријата “најдобра улога во драма.За подобро запознавање со него ќе Ви претставиме едно интервју дадено за ФИЛМ+ во 2018г.:
Вашиот лик на војникот Владо Лазаревски во серијата „На терапија“ ја плени македонската публика. Некако се издвои од она секојдневие, од ликовите со кои може да се поистоветиме, носејќи истовремено еден друг свет, но со голема човечност, емотивност и ранливост. Што
за вас значеше овој лик?
Тони Наумовски: Јас не сум
истиот човек после Владо Лазаревски. Патот да се изваја ликот на Владо не беше воопшто едноставен. Тоа е еден комплексен лик што носи многу во себе. Процесот на градење на ликот засекогаш ќе остане длабоко врежан во мене. Тоа е еден модерен Хамлет во македонското општество. Моќен но уште повеќе ранлив, особено интелегентен, бескрајно правичен, строг кон себе, со конкретно зацртани координати на движење во својот живот, со силни вредности и морали, и секако, со огромно чувство на одговорност кон општеството. Многу се радувам дека серијата постигна голем успех, затоа што навистина верував дека македонската публика е подготвена за ваков тип на серија, кој е многу специфичен и редок. Владо успеа да допре до срцата на гледачите. Тоа е навистина големо постигнување особено за лик кој е во постојан конфликт со самиот себе дали е убиец или не.
Работите на филм, на телевизија, но ми се чини најмногу во театрите, и тоа на многу престижни сцени и театри во Њујорк, како што се: Стела Адлер, театарот Ла Мама, Бродвеј и други. Тоа, секако, е исклучително вибрантна сцена и многу конкурентна, колку е тешко да се обезбедат овие ангажмани, но и одреден континуитет?
Патот до успехот (на било кое ниво) во Њујорк е подалечен од патот до Месечината. Прво за континуитетот, треба да се има огромна енергија и дисциплина, фокус, техника и, се разбира, огромна пожртвуваност на еднакво ниво со еден врвен атлет. Да се стигне до високо ниво е една работа, но да се задржи тоа ниво континуирано, па и да се надмине, е сосема друго нешто. Во Њујорк има околу 1.000 театри, 3.000 премиери годишно од кои само 56 се на Бродвеј (театри кои бројат над 500 седишта), околу 200 се на Оф-Бродвеј (театри со седишта меѓу 100 и 500) и највозбудливата сцена на театарот во Њујорк, независната театарска сцена или Оф-Оф Бродвеј (театри со капацитет под 100 ceдишта). Точно од таа независна сцена тргнале и се развиле поголемиот број легендарни личности на американскиот театар и филм. На обична аудиција конкуренцијата за една улога е околу 1.000 актери, и тоа за споредна улога. Таа бројка стига до 3.000 и многу повеќе за главна улога. Се смета дека во Америка има околу 1.500.000 актери од кои само околу 160.000 успеваат да станат дел од синдикатот. Па сега видете за каква конкуренција станува збор.
Добивте одлични критики за вашите театарски улоги како Сталин, како Хамлет или Един. Во нив е вплетена историјата, времето, судбината, но и вечната потрага по смислата. На кој начин вие им приоѓате на улогите и колку беше тешко во нив да најдете дел од себе?
Не е воопшто тешко да се најде дел од себе во сите досегашни улоги што сум ги одиграл. Тешко е понекогаш да се прифати тоа дека имаш допирни точки со некои ликови. Кон улогите пристапувам бестрашно и без предрасуди. Секогаш се обидувам да ја најдам човечноста и искреноста, која сите ние ја носиме кога доаѓаме на овој свет. На пример, кога го играв Сталин имав сцена со ликот на Хитлер. Доживеав голем успех со улогата затоа што јас не го играв Сталин ниту како диктатор ниту како масовен убиец, туку како длабоко растроен човек кој ја бара правдата и вистината на свој начин, го барав хуморот и уметникот во него. Малкумина знаат дека Сталин пишувал поезија и неговите дела биле анонимно објавувани, а милони луѓе им се воодушевувале.
„Разбудени срца“, „Кентаки кантата“, „Човекот што јадеше дијаманти“, мјузиклот „Од овде до вечноста“, култниот „Лав во зима”, па се до драмите, иклучителни претстави и уште подобри критики. Кој е ваш омилен автор, што е она што ве движи, во какви претстави сакате да играте?
Сакам претстави што се провокативни, што ја будат свеста на индивидуалецот во општеството, ја преиспитуваат неговата слобода, неговите морали и филозофијата на животот. Претстави што се моќни и го
покажуваат потенцијалот на иднината на општеството. Претстави кои не прават подобри луѓе, кои го обелоденуваат секој слаб карактер на сегашното општество. Каде што секогаш е присутно духовното просветлување, бидејќи веќе долго време живееме во духовна и емотивна сиромаштија и ропство. Само ослободувањето на духот на Индивидуалецот може да доведе до повисок развој на општеството. Ме движи моќта на љубовта и на вистината. Ги сакам делата на Горан Стефановски и Дејан Дуковски, секако Шекспир и Чехов. Но мислам дека старогрчките текстови се алфа и омега.
Во нашата земја некако сосем се загуби критиката и критичната мисла. па веќе многу ретко можат да се прочитаат рецензии. Како е во тој поглед во Њујорк, дали и понатаму секоја премиера добива рецензија и дали имаат влијание на публиката, или и таму работите се изменети? Колку е важна критиката во Њујорк?
За жал, не само во Македонија, туку насекаде во светот живееме во една духовна криза каде што медиокритетот го задушува
квалитетот, каде што речиси секој може да напише што сака за кого сака, без никако кредибилитет за конкретната тема за која пишува. Работите излегоа од контрола. До пред 6-7 години во Њујорк имаше неколку магазини и весници (кои се броеја на рака) од типот на „Њујорк Тајмс“, „Тајмаут Њујорк“, „Вилиј војс“, „Бек стејџ“ и „Шоу бизнис“, кои беа етаблирани, со високо квалитетни критичари, на кои публиката им веруваше, а нам ни значеа. За една од последните претстави што ја играв, „Птиците“ од Конор Макферсон, имавме вкупно 31 критика. Човек да полуди. Да се загубиш од читање, но за жал, беа напишани и работи кои немаа врска со она за што беше претставата. Сега има толку многу интернет-портали што речиси секој може да напише што сака. Светот е полн со неспособни и полуспособни луѓе на функции кои од страв дека се некомпетентни и без кредибилитет, секогаш се обидуваат да го ништат квалитетот и за жал, тоа често им успева.
Беше ли тешко да се добијат улоги во наградуваните серии „Закон и ред” или „Даредевил“, во филмот „Run All Night“ со Лиам Нисон и Ед Харис или во „Across the Universe“ на Џули Тејмор. една особена авторка која има посебно место поради својата оригиналност и визионерство?
Во такви проекти со милонски суми кругот, во кој има многу помали кругови, е затворен. Треба да се создаде сопствен круг кој ќе допре до тој голем круг за да се отвори шанса. Господарите на големите продуцентски куќи дават многу мал или не даваат воопшто простор за некоја свежа крв, освен ако не е сто проценти во нивна корист и по нивни терк. А тоа значи дека целата екипа веќе е одбрана многу порано пред да се најави почетокот на проектот. Постои дискриминација и нееднаквост, расизам и сексизам. За среќа Филмскиот сојуз на актери (САГ и АФТРА) постојано се бори против тоа. Треба да си перфектен за улогата и да
одиграш совршено за можеби да ти се даде почетна шанса за едно кратко појавување, а поголемо присуство веќе е огромно постигнување. Но, секако не е невозможно. Инаку, да сум дел од тие проекти е една цела друга реалност и голема привилегија. Паралелен свет на овој е големата независна филмска индустрија, каде што исто така не е лесно да
се влезе, но се отвораат повеќе шанси.
Следната година треба да почне да се прикажува новата серија „Биг Догс“, во која играте во речиси сите епизоди. Тоа е нешто сосем поинакво, алтернативна реалност на Њујорк, што звучи многу интересно. Што е идејата на „Биг догс?
„Биг Догс“ е базирана на романот „Реки од злато“ на Адам Дан, прв од трилогијата романи на кои оваа серија се базира. Вториот е „Биг Догс“ и третата книга е „Свето подземје“. Се работи за една извртена реалност, за тоа што би било кога би било. Кога во 2008 на Волстрит се случи падот на берзата. Она што можеше да се случи не само во Њујорк или Америка, туку во целиот свет. Едно безредие и хаос. Како ликот на Реза зборувам на пет јазици: романски, руски, полски, бугарски и англиски. Реза е еден од главните лордови на источноевропската мафија. Кога душата е исполнета и инспирирана од одлична претстава се создава една позитивна енергија, која отвора врати и привлекува само убави работи. Какви ни се мислите, таков ни е животот. Гледајте театар, одете во театар, поддржете го театарот и оставете ги „докторите за душа“, моите колеги, да го згаснат немирот во вашите срца и души и да ве исполнат со хумор, љубов и мир.
Извадоци од https://www.tonynaumovski.com/home
Интервју Филм+