Чорбата е едно од нашите најпопуларни јадења. Кај нас се популарни телешката и чкембе чорбата, а бидејќи мене ми е омилена телешката чорба, решив да си ја спремам дома. Навистина, времето за подготовка е долго бидејќи на месото му е потребно повеќе време за да се свари, но тотално вреди. Месото можи да го сварите и од вечер, па следниот ден да ги сварите само уште зеленчуците.

Состојки :

500 гр телешко месо
4 до 5 телешки коски
1 кромид
2 моркови
1 компир
1 корен целер
1 пашканат
3-4 нишки шафран
3 лажици  павлака
1 жолчка
1 неполна лажица вегета
црн бибер

2 ловорови листа

1 рака фиде
ситно сецкан магдонос

Припрема

Исечкајте го месото на ситни парчиња и заедно со коските со околу 2 литри вода ставете да се варат на тивко околу 2 часа.
Потоа коските извадете ги. Додадете го зеленчукот да се вари во истата вода. Зеленчукот треба да биде цел, не исечкан. Додадете го шафранот.
Додадете зачини и оставете да се вари заедно додека зеленчукот не омекни околу 40 минути.
Потоа извадете го зеленчукот, додадете една рака фиде во чорбата, а зеленчукот со малку ладна вода ставете го во блендер да се иситни како пире и вратете го назад во чорбата. Дел од зеленчукот (морковот и пашканатот) може да исечкате на коцки, а дел да се изблендира. Ако чорбата многу се згусни додадете вода.
На крај, настрана изматете ја жолчката заедно со павлаката и додадете ја во чорбата со убаво мешање.
Чорбата е готова.
Декорирајте со свеж магдонос и при сервирање, додадете  малку јаболков оцет. За љубителите на лук, комбинирајте со топло лепче, феферончиња и макало од лук.


На здравје.

Рецепт од Гордана Аџиева-Михајловска

www.macedoniancuisine.com