За еден од слободните и празнични денови се одлучивме да го посетиме далеку прочуениот Манастир св. Петка во с. Цапари, битолско. Селото е едно од многуте во подножјето на Баба Планина. Патот до манастирот Ве води низ самото село. Доколку имаше знак на влезот во Цапари со точност би знаеле дека десното патче е насоката по која треба да продолжите. Асфалтот не е баш со најдобар квалитет и е како проклетие за сите Потпелистерски села, споредени со патиштата од далеку поруралното и послабо развиено битолско Мариово.

Значи десно и право по него доаѓате до селските гробишта каде лево покрај текстилната фабрика Фалко доаѓате до крајната дестинација- Манастирот св. Петка.

Е тука ние денес за жал наидовме на затворени врати.

Не само ние, туку и други посетители кои пристигнаа дури од Прилеп и беа зачудени за целокупната состојба.

Во близина на Манастирот на само 50-100 метри длабоко во Буковата Шума се наоѓа малото црквиче “св. Петка” кое има света вода во внатрешноста.

Голема штета е вакво прекрасно здание кое датира од 16-ти век, обновено во 18-ти, во надлежност на МПЦ да биде затворено за посетителите. Ова до сега не ни се има случено никаде на друго место во Македонија. Во разговорот со битолчаните кои беа присутни тука добивме информација дека ретки биле деновите кога се отворени вратите на Манастирот. Пред самата врата немаше никакво инфо за контакт, време за посета или слично.

Денешната прошетка ја продолживме со посета на Ротинското Езеро кое се наоѓа во горниот дел на с. Ротино и преставува вештачко акумулационо езеро направено за потребите на локалното население.

Ова место во последно време е една од најомилените и најпосетените дестинации на битолчани, дали со пеш, со велосипед или со моторно возило. Местото потсетува на пејсажите од Швајцарските Алпи.

Види ме колку сум убаво, му рече Небото на Езерото. Знам, јас те посакав такво, се насмеа Езерото”.

Обновено :

Манастирот во летниот период е отворен секоја Сабота и Недела, задолжително време од 11ч до 14ч, но скоро секогаш се отвора и многу порано а се затвора и многу покасно, тоа барем го знаат редовните посетители. Исто така манастирот е отворен за празниците кои се чествуваат во овај манастир поврзани со Света Петка Римска, Света Петка Епиватска, Света Петка Икониска, како и за некои поголеми православни празници. Во другите денови кој сака можи да го посети со предходна најава барем еден ден предходно, контакт можи да се добие кај било кој Цапарчанец или дирекно на Facebook ‘МПЦ-ОА – Соборен Храм “Свети Велико Маченик Георгиј” – Цапари’. Што се однесува до Параклисот кај манастирот, тоа е малото црквиче, тоа е отворено секогаш. Манастирот Св.Петка во Цапари бил жив манастир и граден од монаси, но кога се затворале и се пустошеле сите манастири настрадал и овај манастир и до ден денес сеуште не е жив манастир, со Господ напред се надеваме еден ден ќе биди повторно жив манастир и ќе ги отвори широко вратите за сите верници. Во цапари освен манастирот има и многу други цркви и параклиси, се прават напори да се одржаваат и да бидат отворени според можностите. Знаеме дека има многу недостатоци, но секој кој сака во организација со црковниот одбор, слободно можи да помогни да се решаваат проблемите. Зоран Мишевски.