mde_vivi

Уште во 1968 година група швајцарски архитекти од АКАУ направија студија за развојот на зимскиот туризам на Пелистер и Баба Планина. Во неа има анализа на скијачкото (смучарското) подрачје, главна шема на жичарниците и жичаните постојки, програма за развој и план на зоните, како и планираниот туристички центар.

И после 50 години од цела оваа студија интересот за развој стагнира и назадува во споредба со другите зимско летни туристички центри и во Македонија, за Европа да не спомнуваме ни збор. Како што оди времето ќе остани само планината, додека битолчани ќе останат само една минорна и мала бројка на жители, наместо да се развиваме заедно со Пелистер бидејќи само тој можи да ја врати големината и напредокот на нашиот град Битола.

Од студијата во неколку наврати ќе Ви пренесиме целосната визија дел по дел и се надеваме дека ова ќе допре до некој кој има можност и можи работите да ги направи да бидат поинаку.

УВОД

Природните богатства на Пелистер и неговата многу голема близина до Битола прават од него идеално подрачје за развој на зимскиот и
летниот туризам. Поради тоа Собранието на општина Битола побара Планот на општото уредување на зоната Пелистер да се вклопи во Регионалниот просторен план на Охридско-Преспанскиот регион, врз чија основа сега е можно да се пристапи кон неопходна студија за создавање на туристички центар на Пелистер.

Со цел да ги унапреди зимските спортови на Пелистер, Собранието на општина Битола, му даде налог на АКАУ (Кооперативно ателје за
архитектура и урбанизам), да изготви студија за развојот на зимскиот туризам. Господин Мишел Реј, архитект-урбанист на АКАУ, прв ја извиде зоната 1968 година во рамките на студијата „Развојот на зимскиот туризам на Југославија“, која ја подготвуваше со г. Жан Итен за сметка на ОЦДЕ, (Оранизација за економска соработка и развој). Госпоѓа Надин Итен и господин Жан Итен — архитекти урбанисти на АКАУ, почнувајќи од 1970 година во повеќе наврати престојуваа на лице место, во рамките на студијата за развојот на Охридско-Преспанскиот регион, како експерти на ОЦДЕ; тие имаа прилика да го надлетаат со хеликоптер Пелистерскиот масив 1972 година и да прокрстарат пеш повеќе предели на масивот од 27 до 30 мај оваа година (1973) придружени од една група стручњаци. Овие извидувања како и дискусиите водени со стручните лица од регионот, послужија како основа за изготвувањето на овој извештај

1.ПЕЛИСТЕРСКИ МАСИВ

1.1.Ситуација и пристап

Пелистерскиот масив со највисокиот врв 2601 м. се протега меѓу Преспанската долина на запад и равницата Пелагонија на исток.

Зоната одредена за изградба на идниот центар се наоѓа во близина на с. Нижеполе и на растојание од 14 км. до Битола од каде се пристига со превозно средство за 15 минути. Иако растојанието од Скопје во случајов е од помала важност (2 часа и 40 минути преку Титов Велес, или преку Кичево штом ќе се изгради новиот пат) и покрај желбата за зимските спортови што се развива кај населението на главниот град на Македонија, не треба сепак да се заборави неговата близина до смучарските терени на Шар Планина. Новиот центар би можел да добие повеќе со близината на Солун, кој по се изгледа нема во својата околина планински масиви од сличен карактер, се разбира, доколку населението на овој втор по големина град во Грција има желба и можности да се занимава со зимски спортови.

1.2. Опис на пределот

Релјефот на пелистерскиот масив е многу разбранет, го сочинуваат повеќе врвови од кој највисок е Пелистер (2.601) потоа следат Два Гроба (2.416), Широка (2.218), Козји Камен (2.199), Голема Чука (2.188)
итн.

Низата гребени што ја поврзуваат Црвена Стена и Неолица, протегајки се преку Пелистерските врвови, Два Гроба, Муза и Скрково, создаваат кружна арка од околу 20 км. со отстапување за 4-5 км.

Од самите гребени падините се спуштаат кон долината на Нижеполе, а истоименото село е единствената питома зона на помала надморска височина и заштитена од ветровите на овој волшебен цирк.

Во горниот крај на циркот се наоѓаат и двете планински езера „Мало Езеро“ на 2.180 метра и „Големо Езеро“ на 2.218 метра. Покрај ова, второто, во извонредно атрактивен предел се наоѓа планинарски дом кој може да им пружи склониште на посетителите; тоа е единствената зграда на голема надморска височина, со исклучок на зградата на телевизискиот релеј на врвот Пелистер. Од врвот 2.421 метар над Големото езеро тргнуваат кон внатрешноста на циркот два планински гребени и се спуштаат едниот спрема северо-исток, другиот спрема исток; под котата 1700 трет гребен се спушта меѓу нив; овие падини како и сите други од циркот завршуваат во долината на Нижеполе.

Надвор од оваа школка се протегаат долини во сите правци кои до 2.000 метри надморска височина се пошумени; интересно е да се
напомене дека скоро целиот цирк е без дрвја и шуми додека надвор од него тие заземаат голема површина на Националниот парк Пелистер; овие шуми, извонредно природно богатство, се многу разновидни, а меѓу другото во нив расте и еден вид бор кој на Балканскиот Полуостров се сретнува единствено на Пелистер. Многу е барана сенката на овие четинари и затоа многубројни се посетителите во летните месеци во тој дел на Паркот, Фауната е многу богата на територијата на паркот, каде ловот е забранет; флората ја сочинуваат многу видови необично убави растенија; планинските потоци се богати со пастрмка а извори се сретнуваат на секаде. Сето ова е од голема важност за развојот на летниот туризам. Националниот парк Пелистер може да се подели на две зони: зона на циркот (и неколку падини надвор од него) погодна за развој на зимскиот туризам;
зона на шуми, погодна за развој на летниот туризам.

1.3. Пелистерскиот масив и неговиот регионален развој

Битно е да се одбележи дека обемниот развој предвиден со Регионалниот план, а чија цел е од Охридско-Преспанскиот регион да створи една од најголемите туристички зони во Македонија, не се ограничи само на летниот туризам, но исто така да се пристапи кон развој на Зимскиот туризам. Додека Галичица овозможува создавање на помошен зимски центар од повеќе локален карактер, само Пелистер е во можност да претставува зона на зимските спортови чии терени во смучарски домен можат
да се споредуваат со најпознатите туристички центри на Алпите, и да привлече спортисти од регионот (Битола-Прилеп), од Републиката (Скопје), па дури и од Грција (Солун). Развојот на зимските спортови на Пелистер меѓу другото би придонел и за реномето на самиот регион.

2.СМУЧАРСКО ПОДРАЧЈЕ И ГЛАВНИ ПАТЕКИ (продолжува…)