Тортата ја направив вчера, за Св.Трифун и за Св.Валентин, една од највкусните, а и најлични торти кои до сега сум ги правела. Тортата е правена во калап срце. Филот е прекрасен, ароматичен, прекрасна комбинација на чоколадо и лешник. Јас не сум љубител на филови од пудинзи и од хопла и затоа многу внимание посветувам на добриот фил, зашто тој е најважен во целата торта. Подлогата е слична на подлога за чизкејк.

Состојки
Фил
3 јајца
100 г шеќер
150 г чоколадо
150 г путер
100 г мелени потпечени лешници
1 пакетче шлаг крем од чоколадо

Основа

300 г мелени бисквити
2 пакетчиња ванилин шеќер
50 г растопен путер
120 мл сок од портокал

За одозгора
1 чоколадо
100 мл хопла

Декорација
Прелив за торти од вишна
Половина пакетче бел шлаг
Црвено овошје за декорација

Подготовка Прво започнете со филот. Изматете ги јајцата со шеќерот во тенџере и потоа тенџерето ставете го на оган да проврие смесата кратко. Мешајте константно, додадете го чоколадото и путерот да се растопат, убаво измешајте и тргнете го тенџерето настрана на ладно место да се излади. Подгответе ја подлогата, сомелете ги бисквитите или ситно искршете ги и измешајте ги со ванилиниот шеќер, растопениот путер и сокот од портокал. Може да додадете и 1 лажиче какао за да би биде потемна основата. Оваа смеса, натапкајте ја во калапот и убаво распоредете ја. Продолжете со филот, кратко потпечете ги лешниците и сомелете ги. Изматете го шлагот. Додадете ги лешниците и шлагот во претходно изладениот фил и изматете со миксер. Додадете го филот врз подлогата и убаво распоредете. Ставете го чоколадото да се растопи заедно со хоплата и нанесете врз филот. Ставете ја тортата во замрзнувач околу 1 час. Потоа одозгора декорирајте по желба. Јас ставив прелив за торти од вишна, има прекрасна арома и вкус кој се надополнува со чоколадото. Декорирајте со бел шлаг кој има прекрасна контаст со преливот од вишни. Рецепт на Гордана Аџиева-Михајловска

www.macedoniancuisine.com