Сотир матичарот беше еден и единствен битолчанец со стас и глас, претставителен , културен и незаменлив. Досега не се најде човек на негово ниво. Со неговиот радиофоничен глас многу битолчани запловија во брачните води. Многу од нив на смеа кажуваат дека сите Сотир што ги венча останаа до крај и никој не се раздели.
За неговиот живот, со цел да оставиме една мала трага за една од големите битолските легенди кои го одбележаа градското живеење во Битола, го контактиравме синот Нашко Гачевски, кој е полицаец пред пензија во Словенија. Нашко со воодушевување ја прифати нашата понуда и веднаш започна да ни раскажува:
Сотир Гачевски е роден во с. Нижополе на 5-ти Мај 1925 год. После завршеното основно и средно училиште на 7-ми декември 1944 година оди во војска до 6-ти Јуни 1947 г. каде учествуваше во ослободувањето и расчистувањето на повоена Македонија.
По враќањето од војска станува активен член во Социјалистичкиот Сојуз на Југославија, по што за одредено време се вработува во матичната служба на Општина Битола.
За време на младоста живееше заедно со неговата сестра Кика на ул. Славко Лумбарко бр. 7а во Битола, бидејќи нивните родители починаа млади. Животот му беше тежок. За на училиште мораше сам да си помогнува така што едно време работеше и како калфа кај неговиот зет за сестра кој беше чевлар и имаше работилница за поправање на чевли покрај Ајчо. Кика подоцна продолжува да живее во Франција кај нејзината ќерка.
Ја запознава младата битолчанка, мајка ми Вера со која заедно купија куќа на Ленинова 42а. На свет доаѓаме ние со сестра ми Алики Гачевска Поповска… продолжува Нашко.
Таа остана во Битола, а јас заминав во Словенија. Не само затоа шо ми беше татко, сакам на сите да му пренесам дека беше одличен татко кој со една плата издржуваше цела фамилија и со Алики не изваде на вистинскиот пат. Заради неговата добрина и скромност која ја имаше до крајот на неговиот живот стално беше поздравуван од битолчани додека шеташе низ Битола.
Секојдневно уживаше со неговото друштво прави битолчани како др.Нича, др. Пренда, фотографот Пинза и многу други. Нивните состаноци беа во кафаната Магнолија каде одеа на кафе и келнерите велеа тоа е најстарата маса на светот, стара 400 години.
Бил страсен љубител на фудбалот и голем навивач на Партизан кои заедно со весникот Политика му беа секојдневие.
Заради неговата голема љубов кон спортот тој на неговите 90 години бил присутен на натпреварот кога неговиот внук Филип Гачевски дојде да брани за фудбалскиот клуб Вардар. Сам отиде на стадион меѓу навивачката група на Чкембари за да ги слуша што ќе зборуваат за неговиот внук кој сега носи фудбалски дрес на тим во Кипар. Со него имаа блиски односи и многу го сакаше бидејќи секогаш имаа заедничка и отворена тема.
Најголема љубов на Сотир било с.Нижополе. На крајот само една желба му остана неостварена- не можеше никако да го најде гробот од својата мајка во с. Нижополе.
Со секое доаѓање во Битола на одмор моравме да одиме на гробишта во с. Нижополе… ни пренесе неговиот син.
Заедно со мојата мајка Вера ни доаѓаа на гости во Словенија, во Битола останаа да живеат до крајот на нивниот живот. Куќата на Ленинова ја продадоа и си купија стан на Едвард Кардељ кај ветеринарното. Вера е почината пред осум години, додека Сотир пред 2, доживеа долг живот со неговите 92 години и е закопан во Буковските гробишта.
Кога доаѓам во Битола секогаш седам кај Кире Шапкарот… за крај ни раскажува Нашко една досетка со неговиот татко.
Таму го чекав мојот татко и заедно одевме на чорба кај пензионерите. Кога влегувавме во кафаната еден на цел глас му викна: „Сотка до кога важи потписот во тефтерот?“.
Татко ми со насмевка му одговори додека потписот важи се додека е жив и после. Шо значи нема бегање од жената, а тоа важи за сите на кои му читал дека цел живот ќе се сакаат.
Сотир матичарот остави голема трага во животот на битолчани и градското живеење. Затоа одлучивме и ние барем малку да се потрудиме и да оставиме еден мал спомен за една голема битолска легенда која вреди да се споменува и пренесува од колено на колено.
Голема благодарност до Нашко и Алики заедно со нивната голема фамилија.