Почитувани,

На 5 Октомври, 2020 година управниот одбор на здружението за угостителство и туризам КЛУБ ЕСНАФ Битола, одржа вонредна седница каде се дискутираше за новодонесените протоколи за работа на угостителските објекти од владата на РМ, како и потенцијалните последици од овие мерки по угостителскиот сектор, притоа беа донесени следниве заклучоци:

− Клуб ЕСНАФ не се согласува со новодонесените протоколи или подобро кажано рестрикции за работа, кои не само што дополнително ќе го усложнат и онака лимитираното функционирање на нашите објекти кои веќе се соочуваат со сериозни финансиски проблеми од почетокот на кризата, туку и ќе го забрзаат темпото кон дефинитивниот колапс на овој сектор и неминовно затворање на нашите објекти. Сето ова ќе води кон загрозување на основните егзистенцијални потреби на околу 60,000 семејства кои дирекнто или индиректно се поврзани со секторот. На секој од нас му е јасно дека новите ограничувања односно промената на протоколите за работа нема да го решат проблемот со бројот на заболени, туку напротив ќе ги поттикне и примора гостите да бараат алтернативни решенија на дружење и забава по други, најразлични локации, без никакви механизми за заштита на личното и јавното здравје што ќе резултира со уште поголема бројка на заразени.

− Здружението за угостителство и туризам КЛУБ ЕСНАФ Битола смета дека наместо воведување на вакви дополнителни, крпени и апсурдни протоколи за работа, многу посоодветно би било зголемување на ингеренциите на ДПИ, нова ригорозна казнена политика која ќе важи еднакво за секој кој не ги почитува постоечките законски прописи, уреби и протоколи за работа и со која ваквите поединци кои ги има во многу помал број веднаш би биле затворени. Со тоа би се овозможило на оние угостители кои се максимално коректни во почитување на сите мерки да работат непречено спрема првично воспоставените протоколи, како би обезбедиле опстанок за своите вработени и своите компании во овие ионака тешки времиња.

− Поради тоа како здружение за угостителство и туризам и како максимални поддржувачи кон сите мерки за забрана на ширење на вирусот КОВИД-19 од сам почеток, решивме да го поддржиме ПРОТЕСТОТ на естрадните уметници, свадбените работници и ноќните клубови кој ќе се оддржи во СРЕДА, 7 Октомври во Скопје. Доколку владата и понатаму нема слух за барањата на секторот, наредната недела ќе биде оддржан нов ПРОТЕСТ во Битола од страна на сите угостителски објекти и работници во градот.

Со почит,

Здружение за угостителство и туризам КЛУБ ЕСНАФ Битола