Тетовирањето е Евроазиска практика уште од неолитскиот период. Ледениот човек Отзи, кој датира од 4-5 милениум п.н.е., е пронајден во алпската долина Отц и има приближно 57 јаглени тетоважи со едноставни точки и линии во долниот дел на грбот, позади левото колено, и на десниот зглоб. Откриени се и други мумии кои имаат тетоважи а потекнуваат од крајот на вториот милениум п.н.е. како Мумијата Амунет од Стар Египет и многу други.

Претхристијанските германски, келтски и други централно и северноевропски племиња биле обилно тетовирани, за полесно да се вклопат со околината и преживеат. Пиктите биле тетовирани (или скарификувани ) со усовршени темно плави српици (или бакар да се добие плавата боја) дизајни. Јулиј Цезар ги опишал овие тетоважи во Книга V од неговите Галички Војни (54 п.н.е). Се верува дека тетовирањето во Јапонија започнало уште од времето на палеолитот, пред некои десет илјади години. Многу други култури имале свои традиции на тетовирање, од исечоци и други белези од горење, до рачно боцкање по кожата за да се нанесе бојата.

Тетовирањето во западниот свет своите почетоци ги има во Полинезија, а во откривањето на тетоважа „Tatau“ од истражувачите во 18-ти век. Оваа постапка на мештаните од Океанија првин стана популарна кај Европските морепловци, па потоа и кај Западните општества.

Кај нас во екс Југославија и до пред некое време во Македонија преовладуваше мислењето дека тетоважата е одлика на нечија криминална активност и потсвест. Тетовираните беа тие кои доаѓаа од затвор со тетоважа која имаше значење зошто билe таму присутни. Тој што имаше тетоважа имаше проблеми за заминување во војска, за вработување во полиција, за некое покултурно работно место и беше буквално жигосан од околината.

Во последните години тетовирањето општо започнува да се сфаќа како нормална појава, како уметност која секој љубител на тетоважи би сакал да ја истакне преку некој симбол, цртеж или име кое му значи и тоа каде ако не на кожата од неговото тело.

Од неколкуте битолчани кои можеме да ги споменеме, Сашо Корлевски со неговото студио Korle Tattoo е веќе препознатливо место во Битола каде буквално можете да добиете украс на вашето тело со кој вистински ќе се гордеете.

Која е твојата позадина во сферата на уметноста и која беше главната причина да започнеш со тетовирање?

Јас никогаш сум немал професионална едукација во уметноста. Моите најрани почетоци во уметноста беа од најраните години во мојот живот кога започнав да одам на училиште. Се сеќавам кога бев забаваче, добивме за домашна работа да нацртаме цртеж на тема Денот на Армијата за 22-ри декември во тогашна Југославија.

Пронајдов една слика од мојот татко кој служеше во тогашна ЈНА, беше сликан на тенк и да не речам буквално ја прекопирав сликата на стакло. Мојот цртеж беше избран за најдобар цртеж од сите паралелки на забавачиња во училиштето и беше пратен на републичко ниво каде што беше исто така избран за најдобар на ниво на забавачиња во Република Македонија, што ми даде голема стимулација да продолжам со цртањето.

Кога и каде се сретна со тетовирањето?

Првпат желба за тетовирање се јави кога ги гледав музичките спотови на тогашните рок бендови, во тоа време кај нас немаше тату артисти да не речам буквално во 80-те години тату артисти можеше да се најдат само во затвори. Затоа решив сам себеси да си направам тетоважа на моја 14 годишна возраст, после која поминав многу лошо дома. Ја направив со игла за шиење и обичен туш, што се користеше за на училиште. Машинката за тетовирање тогаш беше поим. Подоцна после 5-6 год слушнав дека има некој дечко во градот (Сашо Трајковски) кој тетовира со професионална машинка и професионални бои и бил подучуван од некој шведски тату артист.

Кај него ја направив мојата прва тетоважа. Истиот тој артист Сашо Трајковски денес живее во Австралија има свое тату студио и е еден од најпознатите тату артисти во Австралија и голем поздрав до него. Понесен од еуфоријата направив сам машинка од електромоторче кое го извадив од касетофон и направив неколку тетоважи кој беа многу лоши и малку разочаран се откажав од тетовирање, но не и од цртањето.

Што те натера повторно да се вратиш на таа уметност и да продолжиш да тетовираш?

Долго време не размислував да тетовирам пак, искрено дури и заборавив на тетовирањето. Но животот има чуден тек и никогаш незнаеш каде ќе те однесе. Се вработив во Армијата на Република Македонија, во специјалните единици, таму работев како инструктор по падобранство каде што направив околу 1000 падобрански скокови.

Неколку пати бев пратен на мировна мисија во Ирак преку Армијата на Република Македонија, каде што бев и награден со медал од Американската војска.

Таму стапив во контакт со неколку Амерички компании кои ми понудија мене и на неколку мои колеги работа како обезбедување. Работевме како супервизори на обезбедувањето што ја обезбедуваше базата во која бевме сместени. Обезбедувањето т.е. стражарите што ја обезбедуваа базата беа од Уганда. Наша задача беше да ја контролираме нивната работа.

Таму запознав многу пријатели, меѓу кои и двајца тату артисти од Америка кои ги видоа моите цртежи што ги правев во слободното време. Бидејќи беа многу задоволни од мојот талент самите се понудија да ме учат да тетовирам. Почетоците не беа ни малку лесни, почнав да тетовирам на моите стражари од Уганда, верувајте ни малку не е лесно да се тетовира на црна кожа.

Во една година направив повеќе од 500 тетоважи. Многу од нив беа навистина лоши, но муштериите беа пресреќни. Нивниот коментар беше ако ништо друго барем добивме тетоважа правена со машинка, а не како во Уганда со тутунарска игла :))).

Дали си посетил или учествувал на тату конвенции?

Да, сум бил два пати на тату конвенција, воглавно тука во Скопје, првиот пат беше 2015 год. Конвенцијата ја организираа мото друштвото Ноќни волци, каде што освоив едно прво место во категорија боја и второ место во категорија големи тетоважи. А вториот пат беше 2019 која воедно беше и интернационална каде што освоив едно трето место во категорија црно-бели тетоважи и едно второ место во категорија мали тетоважи во боја.

Кој тип на тетоважи би сакал да ги работиш најповеќе ?

Од неодамна имам уште една колешка (Александра Симоновиќ)

која учеше од мене да тетовира, така да мали и средни тетоважи, олд скул, текстови и слично кои ги работи таа, а црно-бели реализам ги работам јас.

Дали со имал интересни или непријатни ситуации со некој од своите клиенти?

Да сум имал многу, но ќе издвојам една. Еден клиент сакаше да ја изненади својата сопруга со портрет од неа на неговата кожа и не и кажуваше каде се наоѓа дента дури тетовиравме. Имаше претчуство дека нешто се случува и го најде по неговиот мобилен апарат на џипиес, и дојде на локацијата во студиото. Мислеше дека ќе наиде на непријатна љубовна сцена, но сепак на крај остана пријатно изненадена од целата случка и се разбира нејзиниот портрет.

Колку чини едно тетовирање и дали можи секој да ја поднеси таа болка?

Цената зависи од типот (црно бела, боја, и големината на тетоважата, и се формира според комплексноста и техниката која е потребна да се употреби. За малите тетоважи има одредени цени, но и тие можат да бидат модифицирани.

Дали може да се покрие некоја стара и избледена тетоважа со нова?

Обично од досегашното искуство што сум го имал со тој тип на тетоважи, не се нафаќам да покривам (освен кога се работи за освежување на мое дело), бидејќи , квалитетот на сликата која што треба да се изведе на кожата нема да биде постигнат, а тоа е и воедно лоша реклама за мене. Но сепак доколку има простор и се работи за помала тетоважа и доста обледена би можеле да ја покриеме што е многу ретко.

Колку битолчани се заинтересирани за тетовирање, посебно женскиот пол?

Во последните години интересот се зголемува се повеќе и повеќе, што е и добар знак дека се движиме кон еден еманципиран свет. Можам слободно да кажам дека повеќе нема никаква разлика меѓу машки и женски пол или помлада или постара генерација. Имам корисници што се тетовираат и на 70 годишна возраст и тоа за прв пат.

Дали конкретно вие помагате за одбирање на цртежот или самите клиенти доаѓаат со однапред замислена идеја?

Во многу случаи да, учествувам . Клиентите често пати доаѓаат со слика која е веќе тетоважа, од интернет, а јас морам да им најдам или да нацртам мој дизајн соодветна замена на таа, бидејќи таа што ми ја донеле или е со лош квалитет или е крива.
Има и такви кои не прифаќаат сугестии.

Како реагирате доколку некој од вас бара да се тетовира пример нешто непримерно или би го нагрдило неговото лице или тело?

Тетовирањето е мојата единствена егзистенција, но сепак таквите тетоважи од старт добиват одговор НЕ, доколку како што кажавте се работи навистина за нагрдување или расистички теми.

Што е потребно за некој доколку сака да биде Tattoo артист и дали помагате за обука?

Потребна е пред се желба, мотив и дисциплина. Ако некој сака да учи, јас можам да му помогнам , но најмногу сам може да си помогне со тоа што ќе се интересира и ќе се труди да научи нешто од мене.

Да одвојам еден случај кога веќе споменавте. Млад дечко од Швајцарија со потекло од Струга зеде неплатен одмор од три месеци и посетуваше интензивен курс во моето студио. Сега истиот има свое студио во Швајцарија и доста заработува. Имало и такви што мислеле дек ќе станат тату артисти и преку ноќ, но тие се друга приказна.

Што би им препорачал на сите кои се заинтересирани за тетовирање на нивното тело?

Во денешно време покрај сите социјални мрежи да не потпаѓаат под влијание на квази пријатели, туку да отворат ФБ или инстаграм и самите да си одберат каде ќе ја прават својата тетоважа и на кого ќе ја доверат својата кожа.

За повеќе цртежи и тетоважи посетете ја неговата фан страна Korle Tattoo