Екипата на РК Пелистер ја запиша првата гостинска победа и за првпат во новата сезона успеа да врзи два триумфи во низа. По лесните бодови на свој терен против Борец, вечерва „зелено-белите“ потешко од очекуваното славеа на гостувањето кај Вардар Јуниор со 30-34 (19-16)

Младите вардарци без нималку респект кон фаворитот го започнаа вечерашниот дуел и со брз ракомет, веднаш резултатски се одлепија и поведоа со 3-0. Српскиот лев без Зејак ја прекина црната серија и го постигна првиот гол за гостинската екипа за 3-1. Лошата игра на пелистерци продолжи, а по промашениот зицер на Чантурија, Вардар Јуниор поведе со 5-2, а потоа со првиот гол на Димитровски и со 7-4.

Кризата на „зелено-белите“ го зафати и најдобриот ракометар оваа сезона, Милан Поповиќ, кој промаши пенал, но габонското засилување Табанге со голот-првенец намали на 8-5. Потоа погоди и Маџовски за прво израмнување на мечот (11-11). Сепак, домаќините со нова серија на голови ја вратија позитивата, а со двата гола на Димитровски од позиција на втор кружен напаѓач, стигнаа до комотни 19-16 на полувреме.

Ниту на стартот на вториот дел работите не се променија во малата сала во „Јане Сандански“, вардарци продолжија со квалитетната игра и константно го одржуваа водството од три гола. Сепак, црногорското десно крило Поповиќ и да вечерашниот натпревар покажа дека е најдоброто летно засилување на битолчани и со два брзи гола кон средината на вториот дел донесе ново израмнување за Пелистер (25-25), додека капитенот Васко Димитровски погоди за прво битолско водство со 25-26. Избраниците на Атанасовски конечно заиграа поквалитетно, ја презедоа контролата врз играта и со серија од четири гола се одлепија на 25-29, за на крај да слават тешка победа од 30-34. Во редовите на Пелистер најпрецизен беше Черубин Табанге со осум гола, додека прв стрелец на мечот беше вардарецот Крстевски со девет погодоци.

Извор Гол.мк

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here