Со огромно задоволство ја информираме спортската јавност и верните навивачи дека на наше големо задоволство РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР ја продолжи соработката со неговите досегашни играчи МИЛОРАД КУКОСКИ, МИЛАН ЏУКИЧ, ЕЛМИР ГРАЏАН и МАРИН ВЕГАР.
Очекуваме дека нивното ракометно знаење, професионалност и искуство ќе бидат од огромно значење за нашата битолска екипа во борба за шампионската екипа во наредната сезона.

ПЕРИЌ: СО НЕТРПЕНИЕ ЧЕКАМ ДА ЗАИГРАМ ЗА ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР

Од минатата недела Јосип Периќ е нов ракометар на Еурофарм Пелистер. Босанскиот репрезентативец кој настапува на позицијата среден бек потпиша двегодишен договор со битолскиот клуб. Доаѓа од германски Гепингем и ќе ја зголеми босанската група ракометари во Битола.Неговите први импресии од новата средина, соиграчите, тренерот и претседателот се позитивни.„Ме контактира тренерот Бабиќ, ми ја објасни визијата и сите детали за клубот. Потоа стапив во контакт со претседателот Стерјев. Брзо се договоривме за сите детали. Со нетрпение чекам да го облечам дресот на Еурофарм Пелистер. Разговарав со Вегар и Граџан. Тие имаа само пофалби за клубот, а особено за навивачите и атмосферата. Во Романија играв со Кукоски, Олески и Кузманоски и едвај чекам повторно да играме заедно“, вели Периќ.

Периќ е замената за Ловро Јотиќ, кој си замина од клубот заедно со Владислав Остроушко и Никола Митревски. Еурофарм Пелистер го потпиша македонскиот репрезентативец Марио Танковски, а ја продолжи соработката и со Елмир Граџан, Милорад Кукоски, Милан Ѓукиќ, Марин Вегар и Невен Стјепановиќ.

МАТЕО МАРАШ, нов десен бек на РК Еурофарм Пелистер

Како и минатата сезона, така и во следната, во ростерот на Еурофарм Пелистер ќе игра хрватски ракометар. Од денес нов член на македонскиот суперлигаш е Матео Мараш, младински репрезентативец на Хрватска и голема надеж на ракометните селекции во својата земја. Десниот бек потпиша договор на една сезона.

Станува збор за 20-годишен хрватски младински репрезентативец Матео Мараш, висок е 202 сантиметри, тежок 101 килограм, а во Битола доаѓа од екипата Балиќ-Метличиќ од Сплит. Мараш настапи на последното Светско првенство за кадети во Скопје, а паралелно игра во младинските конкуренции во Хрватска, како и во Првата лига.Танковски и Периќ заедно со младиот хрватски ракометар се новите имиња кај пелистерци. Од тимот си заминаа Митревски, Остроушко, Шевелев и Јотиќ.

СТИПЕ МАНДАЛИНИЌ Е НАЈГОЛЕМОТО ЗАСИЛУВАЊЕ НА НАШИОТ РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР

Репрезентативецот на Хрватска, левиот бек Стипе Мандалиниќ истотака е нов член на Еурофарм Пелистер. Тој е најголемото засилување за битолскиот тим за новата сезона, откако од Загреб потврди дека потпиша договор на две сезони.

Поранешниот играч на ППД Загреб, во минатата сезона настапуваше за Фуксе Берлин. Има 27 години и со нетрпение чека да се запознае со новите соиграчи и фановите.„Добро вечер Битола, добро вечер на сите фанови на Еурофарм Пелистер, здраво за „Чкембарите“. Официјално се е готово, јас сум нов играч на РК Еурофарм Пелистер, се гледаме наскоро и тргнуваме кон освојување на титулата“, изјави Стипе Мандалиниќ во видео порака од Загреб.Хрватскиот репрезентативец ги носеше и дресовите на Карловац и Сплит. Мандалиниќ е четврто засилување на клубот од Битола по Периќ, Кушан и Танкоски.

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР