Има многу рецепти за тулумби и горе-долу сите се слични. Домашните тулумби се вкусни, но не се исти со оние слаткарските. После повеќе проби и експерименти, го најдов овој рецепт кој е најприближен до купечките тулумби. Ме воодушеви особено зашто првпат ги правев денес, а испаднаа совршени.

Состојки:

2 чаши вода
2 лажици несолен путер
3 јајца
2,5 чаши брашно
3 лажици гриз
1 лажица нишесте

За сирупот

2 чаши вода
3 чаши шеќер
1 лажиче сок од лимон

*** 1 чаша е 200 ml чаша

Подготовка:

Шербет

Ставете ја водата и шеќерот да варат 15тина минути. На крајот додадете го сокот од лимон. Оставете го шербетот да се излади.

Тесто

Ставете ја водата во тенџере и загрејте ја на рингла. Додадете го путерот во врелата вода и оставете го да се стопи. Додадете го брашното и измешајте ја смесата. Ќе биде целата згрутчена. Така треба да биди. Оставете да се излади.
Откако ќе се излади, додавајте едно по едно јајце во смесата и со помош на миксер изматете убаво. Продолжите да матите и додадете го нишестето и гризот. Матете додека смесата не стане мазна. Ова тесто е погусто од она на кое сте се навикнале – така треба да биди.
Наполнете го шприцот за тулумби. Од оваа количинa наполнав 2 шприца.
Во тавчето во кое ќе ги пржите тулумбите ставете поголема количина на масло. Во ладното масло, ставајте од тестото со помош на шприцот, отсекувајте ги тулумбите со помош на нож. Потоа приклучете ја ринглата и ставете ги да се пржат на средна температура додека убаво не поруменат од сите страни. Жешките тулумби ставајте ги директно во ладниот шербет. Оставете го маслото да се излади и повторете ја постапката на пржење. Јас ги пржев на 2 пати.
Се добиваат околу 20тина тулумби со средна големина. Превртете ги неколку пати во шербетот за да впијат убаво.

На здравје.
Рецептот го испрати Гордана Аџиева-Михајловска