Широк Сокак, главната улица на Битола и битолчани, главен сведок на многу настани, збиднувања, војнички чизми, султани, генерали, видни гости и граѓани.
Широк Сокак приказна која дел по дел ќе ја составуваме само за вас, за вашата љубопитност, за вашето знаење. Градот има душа. А тоа се приказните кои ни шепотат од секој агол. Една од тие приказни е за куќата на битолчанецот Ташко Филипович (Филиповски).
Сегашната градба најверојатно погодена од виорот на Првата Светска Војна претрпува големи измени заради што била започната дури во 1930-та и некаде околу 1934-та била завршена. Значајно за сопственикот било тоа што тој во тоа време завршил факултет за Фармација во Истанбул и се вратил тука и работел во куќата како апотекар. Синовите на Ташко исто така студирале фармација и го продолжиле фамилијарниот бизнис и водењето на аптеката.
Оваа била првата аптека во Битола.
Многу граѓани ја посетувале оваа куќа каде добивале стручни и успешни третмани за нивните болести, а воедно и лекување.
Еден од сегашните некогашни газди на оваа куќа Владо Филиповски заминува за Белград каде завршува факултет и сега има звање како инженер по Хидрогеологија. Неговата работа била претежно во странство каде останува долги години, скоро цел живот.
После Втората Светска Војна куќата била конфискувана од државата, и по многу години низ судските лавиринти со денационализација успеваат да го вратат само дуќанот на приземјето.
Фамилијата на Филиповски(ич) беа во роднинска врска со фамилија Манаки. Често пати заедно со овие видни граѓани бил забележан Милтон Манаки како пие кафе на балкуните од ова место, уживајки во погледот и великодушноста која низ векови Широк Сокак ја носи со него, поздравувајќи се со сите битолчани…
Сега оваа приказна ја продолжуваат Сомниа Апартмани. Тие ни ја раскажаа нивната приказна и сега се дел од проектот “Раскажи ја својата приказна”.
Добредојдени сте сите вие кои имате слични приказни. А кафето на балкунот ќе Ве потсетува на градска Битола и на Манаки.
Ви благодариме…