Ако транзицијата значеше премин од еден систем во друг систем, така и на ниво на индивидуа, потребно беше да се размислува за лични промени кои ќе бидат адекватни и во склад со промените што ќе се случуваат во надворешната средина и околу нас.

Во една таква релација кога фабриките се затвараа поради недостиг од знаење, организација, криминал, се спроведуваше еден нов политички систем во кој работниците беа најголемата жртва. Беа немилосрдно испуштани од фабрика без да се знае што ќе прават во иднина. Кај некои прилагодувањето кон новите можности одеше добро, но некои и до ден денес не се снајдоа. Минимални финансиски средства што се даваа со чинот на отпуштање беа утеха за да се преживее уште еден неизвесен период. Некои со нив купуваа ниви возила, а некои за храна изборот беше личен. Нашиот пристап и нашите искуства беа поинакви. Нашите размислувања беа поврзани со прашањето: Што сега и како понатаму? Што треба да се прави со она што го имаме и со она што ни го дала средината за да имаме успех?
Потенцијалите на нашиот регион се огромни нормално ако се умее да се препознаат. Екологијата како поле на интерес и наше искуство дава одлична подлога за развој на едно друго поле а тоа еколошкиот одржлив туризам или поедноставно алтернативен рурален туризам. За да се валоризира оваа идеја беше потребно физички подготвен објект кои треба да ги прими потенцијалните туристи. За таа цел се најде една растурена 100 години камена куќа во село Буково. Позитивните гледања и мотивираноста со идејата за искористувањето на туристичкиот потенцијал кој го поседуваат потпелистерските села даде почетен успех и на нашата идеја.

Сите камења од разурната куќа беа вратени на старото место и се успеа да се врати стариот дух на старата традиционална архитектура сместена во природен еколошки чист амбиент. Но овој пат со намера да им ги отвори вратите на други луѓе, односно туристи кои имаа желба да го видат и доживеат она што на друго место не можат, затоа што е оригинално и дополнето со позитивна енергија и гостопримливост од мештаните.

Нашиот потенцијал е голем и нудиме она што навистина го имаме: природните убавини, чистиот воздух, чистата вода, амбиенталната архитектура, долгогодишната традицијата и култура на живеење, органската храна, начинот на живеење, нашите гледишта, нашиот хумор, историјата, кроткоста и гостопримливоста кај лугето, фолклорот, религиозните објекти и култура, богатата флора и фауна е сѐ друго што ние го имаме да го понудиме.

Странците токму тоа го сакаат и затоа доаѓаат со голема страст, желба и восхит затоа што Македонија е една и сеуште неистражена земја во светот.

Во куќите можат да се најдат уникатни предмети кои носат различни приказни зачувани со години за сега да им ги пренесеме на нашите гости.

Затоа секоја куќа е еден мал музеј каде можете да видите нешто различно, оригинално, рачно направено кое пријатно ќе те возбуди, но и да научите некоја интересна приказна која со години се наталожила во животот на луѓето од оваа средина.

Оваа приказна е дел од проектот Раскажи ја својата приказна.

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here