Ова е најубавата посна торта што сум ја пробала досега. Во ништо не личи на посна, ни во изглед ни во вкус. Специфичната арома на ореви и таан, измешани со вкусовите на чоколадо и крцкав грилијаж – создаваат вистинска експлозија на сензации кога ќе ја пробате. Иако на прв поглед делува комплицирана, долга и со многу редење, воопшто не е така. Јас ја направив за отприлика 1 и пол саат.
Големина на чашата е 250 мл. Состојките се дадени онака како што последователно се нанесуваат.
Состојки:
За пандишпан:
1/2 чаша сок од портокал
1,5 чаша шеќер (јас користев кафеав шеќер)
1 чаша брашно
1 лажица џем (каков што имате, јас ставив од праска)
1/2 лажиче сода бикарбона
10 лажици мелени ореви или лешници
Состојките се мешаат со лажица и смесата се истурва во плех обложен со хартија за печење. Се пече 15тина минути на 200 степени и откако ќе подолади, се отстранува хартијата за печење и се дели на 3 еднакви ленти.
Грилијаж:
150 г шеќер
мало парченце маргарин
Растопете го шеќерот, додадете го маргаринот и откако ќе добие жолтеникава боја и ќе карамелизира, веднаш нанесете го на трите ленти пандишпан додека е сеуште во течна состојба зашто многу брзо се стврднува.
Чоколаден прелив:
100 г посно чоколадо за готвење
мало парченце маргарин
Растопете го чоколадото заедно со маргаринот да биде смесата без грутки и нанесете го врз лентите пандишпан претходно прелиени со грилијажот.
Фил:
300 г таан алва (пожелно алва со какао)
2 лажици шеќер
3 лажици какао
50 мл вода
150 г маргарина
Растопете ги на средна температура сите состојки заедно, убаво измешајте да нема грутки и оставете да се олади. Најдобро е прво да се припреми филот зашто му треба повеќе време за ладење. Сите 3 ленти се премачкуваат со филот со тоа што за последната се остава малку повеќе за да може да се покријат страните.
Шлаг:
2 пакетчиња посен шлаг или посна хопла
минерална газирана вода за припрема на шлагот, количина и начин на припрема според упатството
Нанесете од шлагот на првите две ленти и спојте ја тортата. Последната кора декорирајте ја со шлаг по желба.