Во чест на 11-ти Октомври, над селото Маловиште, на падините на Националниот парк Пелистер, во присуство на поголем број планинари и ученици од училиштето „Славко Лумбарковски“ од село Новаци, на пригоден начин беше пуштена во употреба нова планинарска чешма. Неа самоиницијативно ја изградија Ицо Попов и Цане Стојановски – Гуц, кои спаѓаат во редот на битолските планинарски
легенди. Тие речиси две години ја поставуваа каптажата, цевките, ја sидаа чешмата, со цел сите планинари што по течението на реката Шемница ќе се искачуваат на Пелистер, да може крај чешмата да се одморат и да се напијат чиста планинска вода. Ицо Попов и Цане Гуц постојано другарувале со планината, се скијале, уживале во нејзините убавини, поради што денес како ветерани, сè уште, своите искуства ги пренесуваат на младите, а еве во последно време беа ангажирани и при изградбата на оваа чешма.


Од новинарскиот опус на Петар Ставрев, Битолски весник непозната година (околу 1980).