Божиновски, Петар – Пецо (Кочо)
(1920–1970), македонски револуционер и партизан, народен херој. По завршувањето на основното училиште се запишал
во Битолската гимназија. Но, поради големата немаштија на неговото семејство, принуден бил да ја напу шти Гимназијата
и да се вработи. Добил работа во Монополот, каде станал свесен за тешкиот живот на работниците. Затоа, уште како многу млад стапил во редовите на напредното
работничко револуционерно движење и станал член на СКОЈ. По бугарската фашистичка окупација бил член на Воениот комитет на Битола. Во 1941 г. бил
ангажиран во подготов ките за вооружена борба и станал еден од иницијаторите и организаторите на Првиот битолски партизански одред „Пелистер“, а подоцна
станал борец и во Битолско- преспанскиот партизански одред. За неговата храброст и самопрегор се дознало и во Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија и тој бил повикан за курир во Штабот.
Повеќе пати се наоѓал во придружба на највисоки раководители на движењето во
Македонија. Подоцна станал политички комесар на Седмата македонска бригада и учествувал во завршните борби за ослободување на Македонија. По чинал 1970 г. во Битола. За народен херој е прогласен на 2. VIII 1952 годинa.

Извадок од Значајни личности за Битола