Битолска андерграунд колекција со one-of-a-kind креации веќе некоја година ја придвижува македонската дизајнерска сцена со уникатни, ретро и фристајл парчиња кои се распродаваат за рекордно време. Во време на пандемија и затворени граници, дизајнерите на облека сами бараат начин како да ги развијат нивните идеи и истите да ги пласираат на домашниот пазар.

1.Еден три или заедно тринаесет. Што всушност значи ова и од каде дојде кодот и идејата за овај нов битолски бренд за облека?

ЕденТри (onethree) всушност е тринаесет, самата идеа за името беше да не биди толку едноставно (просто), но во истовреме да се задржи мистиката која се крие зад бројот 13. Па така го брендот го доби името според урбан амерички сленг OneThree.
Идеата за ваков бренд ја имав одамна уште пред околу 20-тина години, но тогаш реализацијата на еден ваков проект се чинеше невозможна, општо кажано немаше услови. Со самото развивање на интернетот, социјалните мрежи и онлајн продавниците, реализацијата стана многу поблиска и пореална. Но најважниот и клучен момент за идеата да се претвори во план и реализација беше кога дојдов до информација дека во конфекциска фабрика во нашиот град се шијат производи за два светски познати брендови. После долги години двата најголеми проблеми за реализација на овој проект односно самата продажба – пласман на продуктот, како и изработка на производите по светски стандарди веќе не претставуваат пречка.

2. Кој стои зад ова и дали за првпат се појавувате во Битола и Македонија?

Зад брендот OneThree стојам јас Никола Михајловски (slatkar), а на прашањето дали прв пат се појавуваме одговорот е НЕ. Ова е веќе 3-та колекција, а во изработка е и 4-та колекција која може да ја очекувате ова лето.

3. Каква е вашата замисла општо за градењето на овај бренд, од колку примероци се состои една серија?

Замислата за градење на брендот досега се одвива непречено, по план. Се водам од идеата прво да изградам редовна клиентела, и брендот да си остани “underground” односно да не премини во народски кажано еден вид на “комерцијала”. Главна маркетинг стратегија која ја користиме е “word of mouth” од човек на човек, односно оставам клиентите да го прават маркетингот, бидејќи нема подобар маркетинг од зборовите на задоволните клиенти кој сакаат да ве “пофалат”. Ваквиот маркетинг се покажа како успешен бидејќи секоја следна колекција е поголема и побројна и се распродава во рекорден временски период. За пример ќе ја земам првата колекција која се појави пред 3 години, а се состоеше од само 3 модели, додека само оваа сезона пласиравме 11 нови модели на дуксери.

4. Колку и што е потребно за да се осмисли еден модел заедно со натпис и лого бидејќи искрено на сите не можиме да најдиме ниту една мана?

Самиот момент на осмислување (креирање) на еден модел нема временска рамка, се зависи од тоа колку инспирацијата ќе биде присутна. Така што некогаш во 15 минути можат да се осмислат 5 модели, додека пак некогаш еден модел може да одземи од 2 до 3 недели. Инспирацијата е променлива и може да дојде од самиот материјал, бојата, дизајнот на принтот, гледам на која боја или форма најдобро би се вклопил.

5. Дали цената е пристапна за сите и кој е најлесниот начин доколку некој се одлучи за си порача?

Во однос на цената секогаш гледам да е максимално пристапна, земајќи го во предвид тоа што веќе го споменав дека на ист начин и од ист материјал се изработуваат производите за други два светски брендови чија цена во продажба е многу повисока и изнесува околу 120 евра, додека пак цената на нашиот произвот е прилагодена за нашиот пазар и според можностите на нашите клиенти.
Најлесниот начин да си порачате било кој од нашите модели засега е преку инстаграм страната на брендот @13_onethree_13, а во изработка е и нашиот website кој ќе служи за порачки како онлајн продавница. Исто така да напоменам дека доставата низ цела Македонија е бесплатна.

6. Колку сте задоволни од интересот за вашите парчиња светски дизајнирана облека и која е вашата замисла за понатаму?

Искрено кажано јас лично сум позитивно изненаден и презадоволен од интересот и побарувачката за производите на 13onethree. Од самиот почеток првата колекција со која се појавив беше распродадена за само една недела, па се досега заклучно со последната колекција, сите се распродаваат во рекордно време, се случува некој од моделите да бидат распродадени за помалце од еден час. Замислата за иднината е брендот да расте и стабилно да се гради, а со тоа и зголемување на самата понуда на производи.

7. Дали некаде во Битола постои изложбен салон или продавница каде се тие изложени или тоа ќе биде ваш следен чекор?

Моментално не располагаме со продажен салон, идеата постои и веќе имаме планови за реализација. Сето ова оди малку поспоро со оглед на ситуацијата со светската пандемија во која се наоѓаме. Самата идеа сакам да ја реализирам на начин на кој продавницата нема да е класичен бутик туку еден вид на Катче за креативци, односно простор кој самиот по себе ќе инспирира и во кој совршено ќе се вклопуваат моделите кои таму ќе бидат изложени.