Голем дел од нас имаат љубов кон старите ретро работи кои не потсетуваат на едни убави времиња со благородни спомени и моменти поминати заедно со нив. На некои од нив сме ја слушнале првата музичка нумера на Мадригали или Битлси, други пак ги гледале филмовите на касета од првите битолски видео- клубови. Сето тоа евоцира една голема страст која самите вљубеници не можат да ја опишат бидејќи таа е како „краста“ и тешко дека некогаш ќе заврши.
Еден од нив е нашиот битолчанец Зоран Николовски кој живее во нашето славно Гинимаале и може слободно да се пофали дека има голема и импозантна бројка на стари грамофони, транзистори, касети и плочи.
„Оние што добро ме познаваат, ме знаат како Зоки Мува. Живеам во славното Јени Маале, во срцето на Битола. Мое хоби е собирање на стари транзистори, грамофони, касетофони, плочи, касети и слично. Исто така, собирам и стари експонати, кои беа обележје на цела една генерација на луѓе, кои живееле во поранешната наша држава, Југославија. Од тоа време, имам доста видеорекордери, камери, магнетофони, фото апарати, стара машина за шиење, проектор и многу други предмети. Во тоа време, седумдесеттите, осумдесеттите, па и дел од деведесеттите години од минатиот век, луѓето воглавно беа далеку материјално посиромашни отколку ние денес, но духовно, далеку посреќни. Тогаш нашите родители знаеле да бидат среќни со многу малку, а денес сите станавме мегаломанија, сѐ сакаме да имаме. Едноставно друго време, други луѓе“.
Љубовта кон старите работи тешко дека некогаш ќе престане, доволно е еден или два примероци за почеток некој да Ви ги подари или да Ви останат како наследство и „чивијата“ веќе е добиена.
„Во почетокот собирав плочи, сингл и лонгплејки, потоа стигнаа касетите, продолжува Зоран. Веќе во 1979г. го имав првиот касетофон, а дотогаш, главен емитер на звук, ни беше, старото радио со грамафони „ПОРТОРОЖ“, на кој ги вртев сите плочи кои ги поседуваше татко ми. Подоцна, веќе во 1983г. наш добар пријател, шофер во Транскоп, ни донесе еден, мини систем со радио и две касети, на кој секојдневно преснимував една од друга касета. Тој мини систем и денес го имам во мојата колекција.
Последнава година, две, нешто поактивно се посветив на моето хоби. Претурајќи низ интернет пронајдов и купив голем број на експонати, многу од нив ги добив на подарок. Денес можам да се пофалам со солидни бројки од околу 70 грамафони, 120 транзистори, 50 касетофони, 200 лонг плеј плочи, 300 синглплејки итн, итн.
Пред еден месец, два, од еден господин со турско потекло добив понуда од 5000 евра за да ја откупи целата моја колекција. Јас учтиво го одбив зашто љубовта моја кон овие раритетни парчиња е преголема, така да, во догледно време не мислам да се разделам од нив.
Парите веднаш ќе се потрошат, а ѕидовите каде е изложена поставката ќе зјаат празни. Поседувам експонати од педесеттите години па наваму, до ден денешен. Поседувам се она што беше задолжителна техника во сечиј дом, во она време. Ќе продолжам и понатаму со собирање и збогатување на мојата колекција, која ќе претставува своевиден времеплов низ годините. Желба ми е некогаш да набавам еден џубокс, со кого ќе ја комплетирам целата поставка, но за тоа ќе покаже времето“… завршува Зоран.
По неколку години зависно од нивниот број на примероци и старосна година ова група на стари предмети добиваат повисока цена. Затоа е убаво и паметно да се инвестира во нив, а пасијата во колекционерството еден ден да се развие како бизнис кој сигурно . На Зоран му благодариме за неговото внимание и му посакуваме да продолжи со збогатување на неговата поставка. А како изгледа комплетно неговата колекција имате можност да ја разгледате на следното видео :