За Арборетумот (Ботаничката градина во НП Пелистер)

Aрборетум (lat. arbor – дрво… Ботаничка градина) представува специфична ботаничка колекција од дрвја и грмушки со различно потекло. Арборетумот преку своите содржини исполнува поголем број на функции како што се: едукативна, научна, еколошка, рекреативна, естетска и др. Арбуретумот во Националниот парк „Пелистер” – Битола ќе се воспостави само со автохтони видови дрвја со цел почитување на Законот за заштита на природата, со кој не е дозволена интродукција на алохтони видови во Заштитени подрачја. Покрај тоа ќе се почитуваат и одредбите од Законот за шумите, во однос на законското отстранување на одреден број дрвја од површината на арборетумот, као и другите законски прописи. Во арборетумот честопати за цел се поставува и зачувувањето на генофондот на реликтни, ендемични и загрозени видови, според методите на ex situ конзервација. Во арборетумите се применуваат интензивни мерки за нега и одржување преку кои се обезбедуваат поволни растежни услови за голем број различни видови на релативно мал простор на месторастење.

Арборетумот ќе биде воспоставен до крајот на 2019 година под раководство на Националниот парк „Пелистер”-Битола и со поддршка од UNITED NATIONS DEVELOPMENT PROGRAMME (UNDP), со средства од ЕУ. Природниот амбиент и природните насади од молика ја обезбедуваат структура и форма на Арборетумот со посебна специфична одлика на колекција од автохтони видови дрвја и грмушки со природно потекло само од Националниот парк „Пелистер”-Битола.
(Фото материјалот е направен во фазата на етапната реализација)

Воспитно-образовната функција ќе се исполнува преку запознавањето на посетителите со различните видови дрвја и грмушки преку што тие ќе имаат повеќе информации за разновидноста и значењето на шумската растителност во Националниот парк „Пелистер”-Битола. Научно-истражувачката функција ќе се исполнува преку научни истражувања на видовите кои ќе се содржат во арборетумот, како и реализација на различни научно-истражувачки проекти. Еколошката функција ќе се исполнува преку зачувување на автохтониот генофонд на сите видови дрвја и грмушки кои природно се распространети на територијата на Националниот парк „Пелистер”-Битола. Санитарно-хигиенската функција ќе се исполнува преку уреденоста на просторот и создавањето на оптимални услови за развиток на секое дрво или грмушка во арборетумот. Естетската функција ќе се исполнува преку видливите естетски вредности на поединечните видови кои се одликуваат со добар хабитус, добра здравствена состојба, добра виталност, како и со групите од различни видови.

Визија
Разновидна природна оаза од голем број на различни видови дрвја и грмушки од автохтоно потекло (само од територијата на Националниот парк „Пелистер”-Битола), кои со својата природна убавина и разновидност импонираат и се интересни за сите посетители кои преку посетата се едуцираат и рекреираат.

Мисија
Да им служи на сите посетители за продлабочување на нивните знаења за автохтоната шумска и грмушеста растителност во Националниот парк „Пелистер”-Битола и да овозможува услови за научни истражувања, образование, едукација, екологија, рекреација и за подобрување на животната средина.

Цел
Aрборетумот e составен дел на Националниот парк „Пелистер”-Битола и има за цел да ја промовира автохтоната шумска растителност преку збирки кои ja зачувуваат и промовираат разновидноста на растенијата, образованието, истражувањето и теренските активности.
Арборетумот има за цел да пружи на посетителите можност да се здобијат со информации и знаењеза автохтоните видови дрвја и грмушки кои се наоѓаат во Националниот парк Пелистер. Тој е отворен за пошироката заедница, а посебно интересен за учениците, студентите и научните работници кои преку своите активности и едукација допринесуваат за зачувувањето на природните вредности.
Арборетумот ќе има услови за настава учење, истражување и теренски активности;
Ќе содржи уникална колекција на растенија и збирки кои се достапни за настава,истражување и теренски активности;

Вредности
Неколку карактеристични вредности го издвојуваат планираниот арборетум, меѓу кои: Автентичност, ја отсликува изворноста на природата и составот на автохотните видови дрвја и грмушки. Репрезентативност, ја изразува поединечната вредност на големите автохтони видови дрвја кои се наоѓаат во просторот предвиден за арборетум, нивната разновидност и природен изглед. Пејзажна атрактивност, вкупната разновидност од различни лисјарски и иглолисни видови соодветно вклопени во природниот амбиент. Различните периоди на пролистување, цветање, плодоносење и други фенофази кај дрвјата и грмушките предизвукуваат интересни пејзажи со кои овој простор го прават уште по атрактивен. Разновидност, се огледа во големиот број на дрвенести и грмушести видови преку кои се чува автохтониот генетски диверзитет. Зачуваност и виталност, ја отсликува добрата здравствена состојба на дрвјата и грмушките, нивната физиолошка кондиција и изглед со кои автохтоната растителност се одликува поради опстојувањето во природен автохтон амбиент.