Денес во етер излезе видео записот за битолската песна на раперот Дарко Јоцковиќ – Шабац, посветена на легендарниот автомобил Југо, автомобил кој беше еден од најпопуларните на овие простори, а до 2008та година се произведуваше во фабриката Застава во Крагуевац во Србија.

За Југо генерации наназад се раскажуваат секакви приказни и анегдоти, овој автомобил е популарен и денес, а токму поради тоа битолскиот рапер Шабац во 2015 година посвети песна за овој модел, која наиде на доста позитивни реакции во државите кои беа во рамки на поранешна Југославија.

Поддршка за овој видео запис дадоа љубителите и возачите на Југо од Битола, кои со своите интересни модели ја збогатија содржината на самиот видео запис.

Текстот за песната го напиша Шабац, снимена е во Гимел Студио, а видео записот го реализираше Дејан Трајчевски, а дронот го раководеше Агим Џело. Како модел во спотот се јавува Вероника Жежовска.

Јоцковиќ се заблагодари до целата екипа и до оние кои го поддржаа за овој запис да се реализира.