На 11-ти јуни во Белград ќе се одржи третиот по ред кик бокс турнир „Arena Friday Night Fights“ каде во супертешка категорија (+94 кг. ) учествува и нашиот битолчанец Александар Димовски Димсата. Како негов противник ќе биде актуелниот првак на Европа и светот, Никола Филиповиќ од Србија.
„Road to one“ се состои од квалификациски, пирамидален турнир во супертешка категорија на кој учествуваат четири борци, кои претставуваат четири земји од регионот: Мирослав Вујовиќ – Црна Гора, Анто Сириќ – Хрватска, Александар Димовски – Македонија и Никола Филиповиќ, актуелен шампион на Европа и светот од Србија.
Победникот на турнирот го потврдува учеството на завршниот турнир на осумте најдобри европски супертешки категории, што ќе се одржи во вториот дел од годината. Патем, конечниот победник на турнирот ќе добие голема парична награда и што е уште поважно, договор со „ONE CHAMPIONSHIP“.
Помеѓу полуфиналето и последната борба, ќе имаме можност да видиме уште четири врвни, рејтинг борби.
Присуството на спектаклот го потврдија и претседателот на ВАКО, Рој Бејкер, претседателот на ВАКО Европа, Иштван Киралји и членот на одборот на ВАКО Европа, Томаж Барада. Специјален гостин на турнирот ќе биде Семи Шилт, четирикратен победник на ГП на К1.
Нашиот битолчанец во текот на изминатите настапи имаше голема поддршка од неговиот тренер Златко Неделковски кој за жал повеќе не е меѓу нас, но сигурно оваа борба ќе биде со голем печат за неговото дело.
Поддршка Димса!