9 и 10 декември 1935 година
Во поплавата на ден 9 и 10 декември 1935 год. водата во многу улици и трговски дуќани донесе голема количина нечистотија, која, заради здравјето на граѓаните, веднаш е исчистена. За оваа акција потрошена е сума од 6.000 динари од резервниот кредит од позицијата 17/1, бидејќи кредитот од партијата 8/1 предвиден за одржување на хигиената во градот не беше доволен да ги подмири потребите.
Заради тоа претседателот му предлага на Градскиот одбор овој трошок од 6.000 динари да го одобри од резервниот кредит. Неколку дена пред поплавата, во деновите 2 и 3 декември, во Битола му претходело големо невреме, кога силниот и разорувачки ветер, беснеел со невидена сила, откорнал многу дрвја и уништил многу покриви. Најсилните дождови дојдоа на 9 декември, а следниот ден, на 10 декември, заврна невиден дожд од 104,4 мм на квадратен милиметар, што било незабележано дотогаш и кое имало страотни последици. Биле поплавени улици, поле, разурнати кејови, мостови, дуќани, куќи, односно било доживеано нешто невидено дотогаш.
Градскиот одбор веднаш реагирал и одржал неколку седници барајќи решенија. На онаа од 13 февруари 1936 год., по инсистирање на Битолската земјоделска кредитна задруга, била избрана комисија, во која влегле: Панда Вршковиќ, Раца Ристиќ – Чаирчанац и Стеван Јанкуловац, а чија задача била да ги утврди и обемот и висината на штетите. На следната, онаа од 31 март 1936 год. се расправало и конкретно за помошта
на оштетените граѓани, чиј број изнесувал, а за кои била издвоена и првична материјална помош, навистина скромна, но во тој момент крајно неопходна.
Според извештајот на Техничкото одделение од 10.08.1936 год. санацијата на дел од оштетените кејови требало да чини 136.885,77 дин. и истата требало да ја надгледуваат одборниците: Илија Дарковиќ, Петар Пецаковиќ и Леон Камхи, а таа не била прва, следувала по веќе преземена претходно, а за која биле одобрени и потрошени 7.100 динари.
За поправка на мостовите, исто така, биле издвоени значителни средства. За Мостот кај Началството на Мариовската околија (Каваци) било интервенирано двапати, првин со 3990 динари, потоа и со 4.843,50 динари; за оној кај Општината со 4.930 динари, за други два, за првиот – 2.790,83 дин., а за вториот, оној кај Кафтанџица – 988 динари, а за осигурување на дел од брегот биле потрошени уште 7.100 динари. Мостот кај с. Оризари бил наполно разурнат и за неговата обнова биле планирани 3.208 динари. Сепак, најмногу чинела обновата на мостот што ги поврзувал улиците „Мојсиева“ и „Папуџиска“ (Мостот кај Мушон денес Дрвеното мовче) која изнесувала 155.276,26 динари.
Покрај тоа, огромни количества тиња и нечистотија го преплавила сиот град, па и за негово чистење биле издвоени други средства, кои само за првата интервенција биле во висина од 6.000 динари.
Целосно, притоа, биле поплавени булеварот „Крал Александар“, улиците „Солунска“, „Преспанска“, „Охридска“, „Крал Марко“ и уште неколку други, кои, како што пишува белградскиот весник „Време“, личеле на вистински реки.
Големи штети биле направени и на 107 битолски домови. Помошта од 3079 динари, која за дом изнесувала од 9 до 100 динари, што ја доделила Општината Битола, навистина била повеќе од симболична. Интервенцијата за земјоделците, пак, изнесувала 2.500 динари и таа не се доделила во средства, ами во семенски материјал. Месниот весник „Нови сјај“, во врска со неа со резигнација и укажување, пишува дека:
Овогодишнаша жетва наполно потфрли па се поставува прашањето , за исхраната на нашиот селанец, кому треба најитно да му се помогне.
Овие тешки проблеми, кои Битолската општина во
тој момент сама не можела да ги разреши, одлучи да бара помош отстрана, за што Одборот на општината го одреди градоначалникот да отпатува за Белград и таму, од Министерството за градежништво, кое, инаку, ги решавало градежните, но и социјалните проблеми, да измоли интервенции.
Покрај Битола, од овие големи поплави во 1935 год., кои траеја со денови, настрадаа и многу градови и села во Македонија. За нив и за штетите, весникот „Време“ пишува: „Незапамтена катастрофална поплава му се случи на поголемиот дел на Јужна Србија. Наместо снег, кој од земјоделците се очекуваше и кој заради посевите е потребен, веќе 20 дена непрекинато паѓа дожд на нашиот Југ. Реките со секој ден го подигаат своето ниво. Од синоќешниот жесток дожд, сите реки во толкава мера надојдоа, што се излиле од своите корита и направиле огромни штети, кои уште не се проценети. Од оваа поплава настpaдaa не само поголемите места на брегот од Вардар, Драгор и Брегалница, ами и многубројни села покрај кои течат буици и планински потоци“.
Извадок од книгата Записи за злосреќи од Александар Стерјовски
Фотографија насловна Манаки, Битола Инфо