Годините 1996, 97, 98…не знаеме точно, многу време помина. Секое лето не потсеќа на тие години и на нашите лудории на базенот Довлеџик. Многу пати се случуваше и во најголемите жештини пеш за сат време по влечки, со една крпа на рамено, сендвич со сирење и домат да одиме на разладување. Тогаш само тој беше во Битола. Дека деца, млади, се случуваше да ги немаме и тие 50 денари за влез, но не ни праеја проблем тогаш вработените на Стрежево кои беа на влез, секоја чест за нив ете можеби некој ќе се пронајди и го поздравуваме. И тие сигурно ја гледаа нашата немоќ, нашата тага во детските очи со родители без работа, стечајци ги викаа тогаш. Беа многу во тој период. Но, не е тоа сега темата, сакаме да Ви раскажиме. за еден јунак кој до ден денес ни остана во сеќавање…

Скоро секој ден на базенот идеше еден наш повозразен битолчанец. Тој имаше инвалидитет, беше без една нога и носеше вештачка нога, протеза. Тоа многу на него не се познаваше кога ќе носеше панталони или фармерки, бидејќи најверојатно веќе подолго време ја имаше како дел од неговото секојдневие. Ќе дојдеше покрај нас и ќе се пресоблечеше во купачи, полека ќе ја извадеше неговата протеза и ќе влезеше во ладните води на базенот Довлеџик. Не памтиме некогаш да биле топли, освен еднаш кога беше затворен истекот.

Ние како деца се чудевме како некој со една нога може да влези и да плива. Но тоа тој не го правеше само еднаш, да не претераме, базенот во неговата должина го препливуваше над 30, ако не и 50 пати. Тоа го правеше секој ден. Уште тогаш бевме восхитени како некој кој има помалку од нас може да направи повеќе од сите нас. Тој беше нашиот јунак во тоа време, а ние останавме неговите јунаци кои денес ја паметиме неговата големина и истрајност, борба и победа со сѐ шо ни носи животот. Со неговата насмевка и бистрина во погледот уште од тогаш знаевме дека ништо не е невозможно.

И денес базенот Довлеџик по него го памтиме, и сѐ уште се чудиме како тој објект до денес покрај филтерница и бесплатна вода од Драгорот не профункционира во елитен Аква Парк, еден Прилеп кој има проблеми и недостиг со вода не замина светлосни години понапред… А ние заедно со овај битолчанец базенот ќе си го препливувавме по безброј пати во неговата должина.