За да ги надмини проблемите со кои се соочувале битолчани во повоениот амбиент на Битола, Бранислав Нушиќ како околиски Началник на 26 јануари 1913 год. издал наредба заверена под бр. 866, каде:
1. Се забранува безделничење. Сите лица што немаат постојан работен ангажман треба во рок од 3 дена да се пријават во Општинскиот суд. Оној што нема тоа да го направи, ќе биде казнет со затвор, а потоа протеран од Битола.
2. Собирање во групи по улици и на други јавни места, како и собирање по индивидуални домови се казнува најстрого. Сите оние кои власта ќе ги затекне во групи на улица или во индивидуални домови, ќе бидат веднаш затворени и строго казнети.
3. Се забранува ноќе талкање по улиците по 9 часот. Секој кој ќе се најде по тоа време на улица без оправдана причина, ќе биде затворен и строго казнет.
4. Кафеаните не можат да бидат отворени по 8 часот навечер. Само можат да бидат отoворени по тоа време оние кафеани кои ќе добијат писмена дозвола. Оној што ќе го направи спротивното ќе биде строго казнет, а при повторен обид, ќе му се одземе дозволата за работа.
5. Сите хотелиери и сите анџии се задолжени да ги пријавуваат гостите-патници директно до Началството во рок од 24 часа- неизвршувањето ќе се казнува најстрого, а по втората казна, тој хотел или ан ќе се затвори.
6. Без писмена дозвола на никој нема да му се дозволи влегување или излегување од градот. Излегувањето во непосредната околина од градот без дозвола, не е дозволено.
7. Најстрого ќе бидат казнети лицата кои ќе измислуваат лажни вести или кои, ќе ги протуркуваат.
8. На секој, без оглед со која намера го прави тоа, најстрого му се забранува да ги потценува српските државни пари. Лицата што ќе го направат тоа, ќе бидат затворени и строго казнети.
9. Посебно се забранува носење и криење оружје. Оној што ќе се фати со оружје или го крие, или пак знае дека некој друг го има, а не сака да ја извести власта, ќе биде веднаш затворен и суден пред воен суд.
Проф. Александар Стерјовски за Зборник од 2008 г. Нушиќ и Македонија