Основање на Француско женско училиште

Според извештаите на Мисијата и другата сочувана документација на 21 ноември 1900 година во Битола три милосрдни сестри предводени од сестрата Виолет ја отворија Куќата на милосрдните сестри од редот, отворија Француско женско училиште и диспанзер за лекување на бедното население.
Во почетокот полниот назив на училиштето било Ecole Française des Soeurs de Saint Vincent de Paul (Француско училиште предводено од сестрите на Сен Венсан).

Овој назив по 1913 година се менува во Француско- југословенско основно училиште, за време на бугарската фашистичка окупација има неколку називи: во почетокот тоа е Френско девствено училиште, а во учебната 1942/3 и 1943/4 година Френски колеж „Сен Венсан“ (College Français Saint Vincent” Bitolia). По ослободувањето па се до неговото затворање (1947) го носи називот Француско женско училиште со кое име е познато во литературата и меѓу народот.

Училиштето било сместено во просторна и солидна зграда која ги имала сите услови за нормално одвивање на воспитно- образовниот процес (ул. Елпида Караманди – Старо медицинско) . Во долниот спрат се наоѓале сали за јадење и други училишни потреби. На првиот спрат се наоѓале училниците во кои се организирала училишната настава, а на горниот спрат биле просториите каде биле сместени мисионерките од Редот. Училиштето било опремено со библиотека со богат книжен фонд на француски јазик.

Училиштето работело, речиси, без прекин 47 години. Во 1911 година раководителката на училиштето сестрата Виолет сакала да отвори посебна паралелка за бедни ученици на Баирот во Битола, за кое било потребно финансиски средства, една зграда во која ќе се одвива наставата и една учителка Славјанка. Оваа иницијатива и барање на директорката Виолет не се реализирало, најверојатно што не ѝ биле одобрени средства од верската Конгрегација.

Со оглед на тоа дека интересот за ова училиште од ден на ден се повеќе растел, во 1920 година училиштето сакало да ги купи соседните четири згради за своите нараснати потреби, но не постигнато согласност со нивните сопственици. Затоа директорката на Училиштето Виолет го посетила Обласниот училишен центар во Битола со молба српските власти да ги експроприраат соседните четири згради за потребите на училиштето.
Во почетокот во училиштето се запишувале девојчиња на сиромашни родители кои не плаќале ништо за школувањето на своите деца. Тоа биле мали и сиромашни девојчиња но, имало и некои повозрасни. Сите тие биле воспитанички на милосрдните сестри и се наоѓале под нивно патронатство. Овие сиромашни ученички не само што не плаќале такса за своето школување туку и биле материјално потпомагани преку добивање на бесплатна храна, облека, учебници и други училишни потреби. Покрај овие ученички во Училиштето се запишувале и ученички чии родители биле имотни и можеле да го плаќаат школувањето на своите деца. Бројот на овие
ученички особено се зголемил со зголемувањето на угледот на Училиштето како училиште кое давало многу квалитетни знаења и мошне добро патријархално воспитување на ученичките од кои подоцна станувале добри домаќинки.

За ученичките што не биле од Битола било организирано нивно сместување во училиштето во вид на пансион, што се наоѓал во дворната зграда на училиштето. Во периодот од 1900 година, кога е основано Училиштето, до крајот на турската власт и доаѓање на српската власт во Битола, 1912 година, во училиштето се запишувале само ученички и затоа беше наречено од народот женско училиште. Подоцна оваа состојба се менува и во училиштето учат и ученици, иако процентуално секогаш имало повеќе ученички.

Според расположливите податоци може да се заклучи дека во овој период бројот на учениците постојано варира и се движел од 40 до 63 ученички. Се смета дека во овој временски период низ училишните клупи поминале околу 256 ученички. Во поглед на социјалниот состав, покрај бедните ученички, тоа биле ученички од имотни и видни родители, богати трговци, државни чиновници, имотни занаетчии, лекари, професори, рентиери и други што сакале нивните ќерки да добијат солидно и воспитување, како и познавање на еден светски јазик.

Од аспект на националниот состав најбројни биле Македонките околу 55%, додека околу 45% биле Евреи, Турци, Власи, Грци, Албанци, Италијанци, Германци, Французи и др.). По доаѓањето на српската власт во Битола ова училиште ја продолжило својата работа, но со одредени тешкотии кои се почесто ги правеле српските власти. На српските власти и на нивната денационализаторска политика им пречело постоењето на француските училишта во кои српскиот јазик и групата на национални предмети преку кои се водела денационализаторската политика биле споредна работа и речиси не се изучувале. Евидентирањето и реалната национална припадност, а не според желбите и политиката на српската власт, од овие причини на 19 септември 1915 година Министерството на просветата на Кралството на Србија даде наредба за затворање на сите приватни училишта кои не се усогласиле со Правилникот за приватните училишта, меѓу кои спаѓало Француското женско училиште. Управата на училиштето заедно со францускиот Вицеконзул се обратило со молба до Обласниот училишен инспектор во Битола да се одложи извршувањето на наредбата за 7 (седум) дена, со оглед на тоа дека постоела согласност од страна на министерот за надворешни работи на Кралството Србија, Давидовиќ, дадена на францускиот дипломатски претставник во Ниш,
дека оваа наредба не се однесува на француските училишта во Битола. Така не дошло до затворање на училиштето, но во тоа време се совпадна и заземањето на Битола од страна на бугарските и германски војски за кратко време, но и другите воени операции што се водеа во склопот на Првата светска војна. И покрај сите тешкотии што ги носеше војната училиштето не престана со работа, но, бројот на учениците бил осетно намален.

Свидетелство од завршено Француско училиште

По завршувањето на Првата светска војна во учебната 1918 и 1919 година училиштето продолжи со својата работа, без да има официјално одобрување за својата работа од страна на српските власти. Во 1920 година Легацијата на францускиот ред на двапати со свои акти се обраќа до Министерството за просвета за одобрување на работата на француските училишта во Битола. Исто така и директорката на училиштето сестрата Виолет (La soeur supérieure de l’Ecole Française) заедно со францускиот посланик го посетиле Министерот за внатрешни работи на Кралството со молба да се регулира положбата на училиштето со добивање на званично одобрување за работата.

Покрај сите настојувања на локалните просветни власти да се забрани работата и на ова училиште, сепак не успеале во тоа. Со оглед на фактот што во Првата светска војна, Франција и Кралството Србија биле сојузници и во текот на војната рамо до рамо се бореле на Солунскиот фронт против Бугарите и Германците, што и по завршувањето на војната двете земји останале пријателски и сојузнички, заедно со фактот дека во Битола се наоѓаа Француски гробишта на загинатите француски војници од Првата светска војна кои свечено беа отворени во 1923 година со присуство на званична француска делегација водена од маршалот Франше д’Епере, а во присуство на повеќе министри на Владата на Кралството СХС, Владата на Кралството на СХС не можела да се одлучи на таков чекор заради Француското женско училиште „Сен Венсан“ во Битола да ги доведе во прашање пријателските односи со Француската република.
Тоа й било познато на Легацијата на редот и Управата на Училиштето и вешто го користеле тоа. Но, сепак, за да може училиштето да продолжи со работата и да добие легитимитет морало да ги исполни условите дадени од Министерството.

Оневозможување на работата на милосрдните сестри

Француските милосрдни сестри во Битола остануваат и по Втората светска војна. Новата комунистичка власт им забранува да поучуваат во школата. Исто така им се одземаат и двете згради со интернатот. Можеле да работат уште во диспанзерот. Кога притисоците и ситуацијата се
повеќе се заострува, сестрите увидуваат дека нема можности за понатамошна работа и дека не се пожелни, па затоа решаваат да си заминат.
Така, на 04.02.1948 година тие се враќаат во Франција. По заминувањето на француските сестри, комунистичката управа во дворот ги гори сите француски, српски и бугарски книги, целата документација и разни акти, па дури и ролетните. Сакале да ги избришат сите траги за работата на сестрите. Нивната аптека била одлично уредена, лековите биле сместени во порцелански садови со етикети, а и другите медицински помагала. Имале разни уметнички предмети, ѕидни саатови и скапоцени слики. Новите сопственици сето тоа го преселиле во битолската аптека, а исто и во другите општински уреди.
Школската опрема ја распределуваат по другите училишта. Капелата, со целиот инвентар им ја оставаат на словенечките сестри. Нивното
успешно работење во школството и здравственото подрачје, толку многу потребно за ова подрачје и народ, завршува тажно. Мал дел од сестрите, околу 4-5 помагаат во битолските болници и старечки домови се до 1998 г., од каде комплетно се повлечени и иселени.
Некогашната зграда на старо медицинско сега е разрушена и на нејзиното место има голем комплекс на згради со станови, дел од значаен дел од стара Битола која повеќе ја нема и тоа само од негрижата на одговорните институции за нејзината заштита од голема важност за историјата на нашата Битола.


Користена литература Александар Крстевски Воспитанието и образованието во Битола, развој и перспективи Битола 1990 г. и 1856-2006 Католичката црква Пресвето срце Исусово издание на отец Ристо Делијанов С.М