На денешен ден во 1917 година е роден Борислав Траиковски, академски сликар, ден од најмаркантните современи македонски сликари кој се јавува во почетокот на 50-тите години од минатиот век како експресионист и сликар кој негува слобода во изразувањето. Во 1937 година започна со студии на Техничкиот факултет во Белград, отсек архитектура, но со почетокот на Втората светска војна во 1941 година истите ги прекина и се врати во Битола. Во периодот од 1944 до 1947 година работеше како наставник во Битола. Во 1951 година Траиковски дипломира на Ликовната академија во Белград. За време на студиите му предаваа секоја година различен професор (Ѓорѓе Андреевиќ-Кун, Љубица Сокиќ, Коста Хакман, Иван Табаковиќ). По дипломирањето се врати во Скопје каде беше назначен за асистент по сликарство на Архитектонскиот факултет, но само по неколку денови престој во Скопје, го напушти факултетот и се врати во Битола, каде го посвети целиот свој живот и творештво. Во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) е примен 1952 година, а во 1951 година беше одбиено неговото барање за членство. Како член на ДЛУМ беше на студиско патување во Италија (1954). Во 1961 година доби стипендија од фондот „Моша Пијаде“ и беше на едногодишен престој во Париз. Беше професор по уметност во Гимназијата „Браќа Миладиновци“, а подоцна и во Педагошката академија во Битола.

Траиковски е прв претседател и еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ) и еден од најзначајните членови на ликовната група ВДИСТ формирана 1955 г. (Видимче, Димовски, Ивановски, Спировски и Траиковски). Добитник е на наградата 11-ти Октомври за животно дело (1980 г.), Орден на Републиката од 2 степен, 4-ти Ноември – награда на Општина Битола и многу други. Пионер e во организацијата на изложби по работни колективи, фабрики, плоштади, училишта. Почина во Битола на 11 октомври 1996 година. Во НУ Завод и Музеј Битола е поместен дел од неговото атеље кое се наоѓаше во Бистрица и дел од неговото творештво. Во 2017 година во Белград, Н.Е. Принцезата Јелисавета Караџорџевиќ ја отвори изложбата по повод 100 години од неговото раѓање, а истата година МНД Битола ја промовираше и капиталната монографија со исклучително вреден и значаен критички остврт на неговите најзначајни дела на д-р Љубен Пауновски.

Во оваа прилика поместуваме неколку репродукции од негови дела.

Пејсаж, масло 1982 г.
Чувар на породот, 1984 г.
Булки, масло 1974 г.
Влез во душата, 1974 г.
Незаситност 1983 г.