Грамофонот „Нестле“ бил произведен од швајцарската компанија „Торенс“ и дистрибуиран преку „Нестле“ за потребите на тогашната нивна наградна игра.
Наградата грамофон се добивала со пополнување на албум со сликички кои се добивале во чоколадата. Во личната документација со сигнатура 2.580.3.150/237 е забележано писмо од дирекцијата на Нестле во Белград адресирано до Манаки (Милтон), сопственик на кино, на 16 Август 1928.
Во писмото се дискутира за загубениот грамофон кој Манаки го добил на конкурс и кои чекори ќе се преземат за истиот да биде доставен.
Грамофонот со димензии 11х15х21 см е доста мал уред кој поради својата мобилност бил замислен најчесто да се употребува на пикници.
Горниот дел од самата кутија служел за засилување на звукот. На внатрешната страна на горниот
дел од кутијата се наоѓа натпис со златна боја „ОFFЕRT PAR NESTLÉ“.
Грамофонот се навивал механички со рачка од предната страна. На предната страна лево се наоѓа метална кружна плочка на која е забележано “STOP LENTО И PRESTO” за одредување на брзината на вртење на плочата. Иглата недостасува. Плочата се
вртела со помош на мотор на пружина (THORENS SWISS MADE).
Извор Државен Архив Одделение Битола, како дел од изложбената поставка на Локум Фест 2021