Некој битолчанец со име Атанас, имал лозје во населбата Довлеџик, на местото каде сега се наоѓа црквата св. Архангел Гаврил. Еден ден копајќи го лозјето, пронашол на тоа место злато и со еден дел од богатството направил мало манастирче, а другиот дел го искористил за развивање на некаков бизнис и трговија. Атанас бил дел од фамилијата Богатиновци, кои на времето доаѓаа со пајтон во манастирот, а луѓето се тргнуваа настрана, им правеја пат и со почит им се поклонуваа. (мал текст извадок од книга, непознат извор).
……………………………………………………

„Јас живеам во непосредна близина на црквата и знам за една поинаква легенда. Малото црквиче било изградено од некој турски ага кој имал слеп син, а почнал со изградба бидејќи некоја стара баба му рекла ако изгради црква неговиот син ќе прогледа. Исто така му било речено да заколи 22 јагниња како курбан бидејќи неговиот син имал 22 години. Тој така направил и според легендата синот го донеле качен на коњ кога била гозбата со јагнињата, наводно тогаш прогледал. Подоцна по наредба на повисоките власти му било забрането на агата да продолжи со изградбата на поголемата црква и таа останала недоизградена до триесеттите години од минатиот век кога ја доградиле српските власти со намера во нејзината околина да ги погребуваат српските војници. Оваа легенда е пренесена од човек кој живееше во близина на црквата и доживеа длабока старост, почина на 100 години, се викаше Мустафа. Во 2014 година старото црквиче е разурнато и на негово место е изградено ново, во темелите пронајдоа камења со исклесани бројки 1817 година. (раскажување од битолчанецот Зоран Младеновски)

Фотографија PhotoeditMK