Краткиот игран филм „Северен пол“ во режија на Марија Апчевска-Петровска, чиј кинематографер е Влатко Самоиловски, вечерва ја имаше македонската премиера во рамките на официјалната селекција на кратки играни филмови на 42. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

Главните улоги во оваа „coming of age“ тинејџерска драма ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев.
Сценограф е Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа и кастинг-директор Киријана А. Николоска.
Продуцент на филмот е Роберт Насков, сценарист и режисер е Марија Апчевска-Петровска.

„Северен пол“, во продукција на „Кино око“, е сниман на супер 16 мм филмска лента на локации во Скопје и Македонска Каменица.

Филмот е во конкуренција за наградата „Мала камера 300“ 🔲

По проекцијата пред публиката во Големата сала на Центарот за култура во Битола, се поклонија режисерката Апчевска, актерката Белазелкоска и продуцентот Роберт Насков.
Запрашана кога имала поголема трема, пред фестивалската публика во Битола или во Кан годинава, каде што „Северен пол“ беше селектиран во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал и се натпреваруваше за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм, Апчевска одговори дека нејзината трема сигурно е поголема пред публиката во родниот град.