Битолските велелепни објекти сеуште ја кријат нивната тажна историја од едно лудо време и режим кои наместо да ги поддржат тие им ги одземааат вселувајќи непознати луѓе кои не ги чувствуваат како свои. До ден денес заради нивната немарност и незаинтересираност многу од нив стојат полу-разурнати и безбојни, живеејќи живот како птици во кукавичко гнездо.

Во името на победата над фашизмот се одзема имотот и малото богатство кое долги години го создавале наши сограѓани претежно на печалба во Америка и другите прекуокеански земји. Се одземаат и рушат дуќаните со што му се одзема еснафската титула, нивниот творечки напредок за истото да го работат но со далеку помал приход во државна фабрика која потоа ќе ја земат како нивна, баш тие фамилии на “ослободителите”.

Се руши сѐ што е “ненародно” за некакви социјалистички плоштади каде доколку би дошол другарот Сталин би можеле да се соберат околу 100.000 луѓе (судбината за Пекмез Пазар). Сталин не дојде, но и пазарот го нема со се пекмезот заедно. Секаде низ светот и во големите градови од поранешна Југославија како Белград, Загреб, Дубровник останаа сите стари и препознатливи градби. Скопје за жал со земјотресот изгуби скоро сѐ, но ние битолчани си имавме една наша “посебна” елита која ни ја разруши половина од Стара Битола, со сѐ стари чаршии и театари. За малку ќе немавме и половина од Широк Сокак кој благодарение на Калаузи за среќа ни остана. (за повеќе прочитајте тука КАКО ДР. КАЛАУЗИ ГО СПАСИ ШИРОК СОКАК)

Дел од тој Широк Сокак преку сеќавањата на битолчани сеуште ги раскажува тие приказни, за тие да останат и ете историјата нека знае и секој нека толкува. За сторијата на една од најимпозантните градби на Широк Сокак ја контактиравме Гордана Дикова која моментално живее и работи во Сиднеј, Австралија. Честа нека биде нејзина.

Секако дека ќе ми претставува почестеност за да се напише сторија на фамилијата Диковци. Ви благодарам за интересот и контактирањето. Историјата на овие градби започнува откако браќата Алексо и Методија Дикови се вратија од печалба во Америка 1907 год и по урнек модели и план за градбите од Австрија, ги изградиле двете куќи во 1928 г. кои наизглед биле исти, но во внатрешноста се разликувале. Алексо Диков кој мене ми беше дедо , на татко ми Борис Диков, татко , бил најстариот од тројцата браќа Диковци.

На сликата е најмалиот брат од Диковци: Сотир Диков , кој остана во Америка од неговата 10- год возраст. Покасно се оженил за иркиња Ирина и имал син и ќерка Џени.

Тројцата браќа заминале за Америка, но само двата се вратиле и се занимавале со трговија на трупци. Тие ја поседувале првата пилана во Битола, на местото од старата Треска или Блаже Рогозинарот на ул. Никола Тесла, некогашно Бинго сега Слот машини. За прв пат во Битола донесле гатар за сечење трупци. Тие простории биле купени од Турска вакавска муслиманска асоцијација, но купопродажбата не била пренесена со тапија во катастар и така остана да се води на вакавско земјиште, сѐ до Денационализацијата која се изврши во корист на Исламската верска заедница.
За изградбата на куќите на Корзо за прв пат се употребило варено дрво и сите ѕидови внатре биле рачно нацртани од Кичевски Зоографи, како што имав слушнато. Во првата куќа која била поголема, живеја двата браќа со фамилиите, а третиот брат Сотир кој бил на 12 годишна возраст, кога браќата биле на печалба во Америка, се запишал да учи и останал во Америка и никогаш не се вратил. Но врските со фамилијата во Битола не ги прекинал, така што некаде кај 50-тите години ги пречекал во Америка неговите внуци од брат: на Методија ќерката Љубица и синот Тихомир .

Џени, ќерката на Сотир Диков

Во текот на војната едната куќа е продадена на Калиновци, а другата е задржана. После војната браќата Алексо и Методија се неоправдано прогонети за војни богаташи и протерани од куќите, задржани се две години во затвор без никаква пресуда или обвинение, за да ги пуштат на слобода во 1947 г. и по 2 месеци починале двата. Ќерката на Алексо, Ленче била медицинска сестра школувана во Скопје и Софија и учесник во првите редови на Крагуевачката бригада. По завршување на војната се вратила дома со другарите партизани и му наредила на татко ѝ да го извади златото од тенеќињата и да го подели со народот.
Во затворот, браќата се држани во кади со снег и тоа со денови, само за да кажат каде им е златот

На сликата е дедо ми Алексо, мајка му Доља, сопругата Фанка и трите негови ќерки (Славка, Мара и Ленче) и синот Борис (татко ми) . Сликата е од 1918-1919 г во Битола. Алексо и Методија Дикови се вратиле во Македонија додека Сотир никогап не се вратил. Но во 1948-1950 г. ги пречекал во Америка , внукот Тихомир и внуката Љубица , деца од брат му Методија , кои од Загреб, преку логор во Италија, заминале во Америка . Третото дете на Методија, синот Димитар останал во Битола, се оженил за Елпида Сотировска и имаше два сина: Методија (Бебо покоен) и Драган. Алексо Диков со фамилијата останал во Битола , оженет за Фанка, мојата баба и имал три ќерки (погоре наведени), син Борис (татко ми) од кој само јас Гордана, сум останата жива (имав уште два браќа и една сестра покојни).

Во куќите е растен татко ми Борис со трите сестри заедно со двата синови на Методија, по име Димитар и Тихомир заедно со ќерката Љубица. Од таму татко ми бил испратен во војска Српска Кралевска Гарда некаде кај 1930 год. Дошол глас во Битола дека синот на Алексо, мојот татко Борис, загинал во војната помегу Србија и Австроунгарија или Бугарија, па татко му Алексо тргнал за Белград да го бара да го донеси телото на неговиот син единец, но во тоа време стигнува кралската гарда во Битола меѓу кои и мојот татко Борис жив и здрав.

Во куќата сега живеат моите братучеди со фамилиите од стрико ми Димитар.

Неправдата е направена токму во неоснованоста за нивно гонење, жртвата која што браќата ја поднесоа со печалбарањето во 1907 г. во Америка од каде тие стекнале материјална сигурност за да изградат дом, пилана и др. Токму тоа му сметало на новата власт и ги прогласи за воени богаташи, макар што куќите се градени 1928 г., а 20 години пред војната работеле како керестеџии – трговци со трупци и штици. Без обвинение или пресуда беа носени на бесење во Соколаната и држени во затвор буквално сѐ до нивна смрт.

Многу од украсните фигури, вклучувајќи ги и тие на влезот беа донесени и увезени од Австрија, заедно со плановите за куќата, намештајот и тие четири полуразголени мази кои ги поткрепуваат балконите. Слични има и на ул. Стерјо Георгиев во една куќа која беше на др. Балабан Аврам. Јас имав 14 и пол години кога почина татко ми и бев многу мала за да прашувам. Едната куќа е продадена на Ѓорги Димитровски судијата викан Ќосо, кој беше со станарско право сместен да ја користи куќата после војната заради неговата функција. Во 1957-58 г. имаше управна постапка за скоро за без пари ја доби од државата, како што ги доделија и многу други куќи кои беа на Ташко керестеџијата карши Гроздот. Државата на учесниците во НОБ му ги продаде државата за без пари сите тие убави куќи со се клавири, печки ѕидани од Австрија, намештаи.

Братот на мојот дедо, Методија со сопругата Викторија Диковски

Во десната куќа стрико ми Димитар- Митко живееше во само една летна соба долу во дворот, а во куќата беа сместени партизани функционери со станарско право. Имаа среќа што еден офицер се отсели во Србија, и во 1957 г. во управна постапка со помош на роднина, успеаја да си ја повратат. Дуќаните не им ги даваа се до 93-94 г. Јас работев како адвокат во Битола и со тужба им ги повратив дуќаните за кои ни Нова Трговија ниту државата немаа никаква судска одлука дека им ги имаа одземено. Па така барем нешто се поврати да речам многу порано од Денационализацијата.

Дел од граѓата за старата пилана доаѓаше од Кајмакчалан, поквалитетните парчиња беа испраќани од Словенија. По планинските реки и потоци ги пуштале трупците од планина и долу ги товарале на коли. Исто така варени штици, греди се носеа оттаму. Намештајот кој и јас го паметам канапина, персиски килими бил донесен од странство. Браќата со фамилиите прво живееле во првата, левата куќа која била поголема (со посебно купатило уште во тоа време), дворот му бил позади Веро, имале пауни што шетале. Луѓето се мачеја, работеа и ствараа. За време на социјализмот луѓето беа научени со функциите да добиваат станбени решенија, летовања, стандард и не им требаше да се мачат за да ствараат, туку се им беше повеќе од доволно за нив, за сега, но не за утре.

Овие градби на Широк Сокак имаат своја уникатна убавина и однадвор и од внатре, носејки отпечаток на изоштрениот вкус на естетика на браќата Диковци. Понекогаш навистина нѐ замислуваат и прават да сонуваме за едни времиња од конзулска Битола каде се слуша тропотот на коњите и пајтоните, пеењето на боемите и серенадите…

Голема благодарност до Гордана Дикова од Сиднеј, Австралија, за текстот и испратените стари фотографии. Баш заради грижата на вакви битолчани секогаш ќе остане трага од големите битолски фамилии. Голем поздрав тетка Гордана.

Други фотографии Ангела Митковска и Photowall Pro