Во почетокот на третата деценија на 18-ти век од областа Епир (подрачје близу грчко-албанската граница) во Битола се доселуваат голем број на семејства и тоа Иконому, Никаруш, Сонте, Каринте, Ксифтас, Капиљадис, Накас, а меѓу нив и Цалис.
Анастас Цалис, познат трговец од Битола и како уште го нарекувале во градот ШЕФ НА ЕСНАФОТ, во почетокот на февруари 1829 година добил султански берат.
Султанот Махмуд II како израз на љубов кон рајата како што и самиот вели во својот берат и со цел трговијата да се доведе под законска уредба, трговците од рајата што се занимаваат со трговија по суво и по море со Европа, со Персија и со Индија, како и тие што отсега натаму ќе пројават желба за тоа, поради развојот на трговијата ќе имаат многу корист и самите и доходот на царинарниците, му издал берат на замолија на носителот на високославниот берат Анастас, син на Цалис, раја на мојата Висока Империја, жител на град Битола, запознат со трговијата на Персија, Индија, Европа, како и виден меѓу трговците, врз основа на одредбите да му даде високославен берат.Бератот му се издал како што вели и самиот султан да му се умножи славата дека споменатиот трговец определената пракса во износ од 1 500 гроша во целост ја положил – согласно со уредбата го давам овој царски знак. Повелам отсега, па натаму, бидејќи спомнатиот е дефтерлија каде и да се наоѓа, побарува некоја сума врз основа на потпишан и правосуден документ или врз основа на сведочење од страна на претставниците или на еснафот, документот да го покаже на судијата, па по проверувањето на сумата да се плати и да не му се бара повеќе, или пак, ако некој од споменативе трговци во случај за некоја расправија со некој муслиман или некој од рајата, треба да се спроведи на суд или во Високата Порта за да не постапат службениците грубо со него што би го навредило неговиот углед.
Овој берат, а и други слични на него, султанот ги издавал со цел да се дадат олесненија за работата на трговијата. Помеѓу другото во бератот се вели: „Трговците, придржувачите на берати, како и нивните слуги по никаков начин да не се мешаат во административните работи на казата и коџобашлукот. Оваа уредба е прв услов на привилегиите и на уредбата, па во таа смисла да не ѝ се покажува спротивност“.
И на крајот на овој берат султанот вели: „Оваа привилегија се однесува само на спомнатите трговции за нивните слуги, а за нивните синови и роднини, како и за слугите нивни што немаат царска уредбада земаат, како и порано, листови за џизие и трговците на кои им се дадени свети берат и да го признаваат односот на рајата кон мојата Висока Империја, да се однесуваат чесно, да не вршат постапки што би биле спротивни на нивниот однос на раја и поданик, така што за благодарност да прават молитви за долг и траен живот на моето величество. Вака да знаете. Да се верува во светиот знак“.
Напишано на крајот на великиот месец шабан илјада и двесте четириесет и шестата година.
Во Констатиновград.Анастас Цалис живеел и работел во Битола до крајот на својот живот. Имал три сина: Вани, Ѓорги и Теодосије.За Вани и неговото семејство не се познати доволно податоци. Само се знае дека работел како лихвар – банкар, кој им позајмувал пари на одредени личности во градот. Имал два сина Анастас и Јосиф. По Балканските војни со неговото семејство се преселува во Ламија близу Атина во Р. Грција.
Ѓорги Цалис со неговите синови Ташко и Пандели извесен период живеел на улица „Београдска“ бр. 37 и таа улица постои и денеска под истото име на истото место.
Ѓорги Цалис бил школски инспектор, но поради пропаганда бил затворен од турските власти поради што ја завршил својата кариера.Ташко бил познат книжар и библиотекар во градот. Имал своја книжарница која воедно тогаш била и библиотека на тогашната ул. „Краља Петра“ бр.24, а денешен „Широк Сокак“, дуќани кои се наоѓале денес постојат спроти Саат-кулата во Битола. Библиотеката поседуваше огромна литература на повеќе јазици – грчки, влашки и турски.
Пандели бил познат трговец за увоз на житарици, маслинки и тврди производи (леблебии, бадеми, ореви, лешници). Долго време бил ортак со некојси Русидис. Овие податоци се од Алмнанахот за Битола издаден во 1911 година на грчки јазик. Неговото име се сретнува на местото каде што се трговците, но и во делот каде што е спомнат со брата си за книжарницата.
За време не Балканските војни заедно со целото свое семејство се преселува во Солун. Во Солун во 1932 година ја издава книгата „Саканата Битола“ (историјата на патриотизмот на градот и неговата околија во периодот од 1830 – 1903 г.) на грчки јазик. Во неа има многубројни податоци за Битола кои се збогатени со фотографии од кои можеме да видиме многу места кои денес ги нема повеќе во Битола, а биле срушени по Втората светска војна. Во почетниот дел од книгата дава општи податоци за Битола. Во неа има податоци за потеклото на името на градот дека името Монастири на градот му го дале Албанците кои живееле во градот, а словенските народи го нарекувале Обитељ што во превод значело градот со многу манастири.
Од трите синови на Анастас само Теодосије продолжил да работи со трговија. Во 1851 година и Теодосије како татко му добил два султански берати од кои не се преведени на мкд и се знае дека се дозволи само за работа и тоа за лична употреба.
Теодосије од бракот со Захарија добил еден син и една ќерка. Ќерката Домника бидејки и самата потекнувала од видно семејство била омажена за д-р Ангел Робе. Во тоа време семејството Робе било едно од видните семејства во градот, а го сочинувале само интелектуалци, лекари и учени трговци.Синот Андонаќи бил оженет со Елени. Што работел не е познато. Се знае дека бил сопственик на осум дуќани кои биле сместени во Влашката чаршија која денес не постои, а се наоѓала околу Саат-кулата. Бил сопственик на две куќи кои денес постојат на ул. „Београдска“ и тоа бр. 39 и 41. Покасно куќата на бр. 41 ѝ ја отстапил на сестра си Домника. Тапии од дуќаните, куќите и плацот во месноста Стрчин имаат потомците на ова семејство.
Теодосије бил татко на два сина, Коста и Петраќи коишто не ја продолжиле семејната традиција да работат со трговија.
Синот Петраќи (1893 – 1964) завршил медицина во Атина. Долго време работел како приватен, општински лекар во Битола. Војната го затекнала во Битола од каде што Бугарите го интернирале. Оженет бил со Фроса која исто така потекнувала од богато семејство со голем имот. По војната откако со национализацијата им бил одземен целиот имот, се преселил во Грција каде живеел до крајот на својот живот.
Синот Коста (1888 – 1959) студирал и завршил фармација во Истанбул. По враќањето во Битола работел како аптекар, но немал своја аптека. За време на Првата светска војна бил мобилизиран. До 1925 година бил воен аптекар во Воената болница во Битола. Одреден период бил и началник на воената аптека која се наоѓала во месноста Бактериолошка, денешен Студенски дом во Битола. Дел од службата поминал во српската војска на островот Крф, Р. Грција каде се запознал со својата идна сопруга Фанија. Од 1925 до 1941 година со својата фамилија бил на служба во Нови Сад.
По враќањето т.е. по завршувањето на војната бил испратен на служба во Неготино. Бил пензиониран во 1948 годна, а починал во 1959 година и е закопан во Буковските гробишта во Битола.
Негови потомци се Антигон и Петрула Цалис.
Петрула Ристевска Цалис (1922 – 1988) по Втората светска војна животот го поминала во Битола. Била вработена во Окружниот суд во Битола, сопруга на Ѓорги Ристевски. Мајка на два сина, Евгениј и Антониј, кои денес живеат и работат во Битола. Евгениј е дипломиран економист, а Антониј дипломиран туристички работник.
Андигон Цалис (1917 – 1991) целиот свој живот го поминува во Скопје. Бил дипломиран шумарски инженер. Негов потомок е Зоран Цалис, дипломиран електро-инженер кој е единствениот Цалис кој живее и работи во Скопје. Тој како последен жив потомок на семејството Цалис поседува голем број на садови и накит изгравирани со иницијалите на неговиот прапрадедо Теодосије Цалис. Сите пишани документи, тапии и дипломи во врска со семејството Цалис ги поседува неговиот братучед по татко – Евгениј Ристевски.
Текст Татјана Грегова
Лекторирано од Христијан Аџиоски