Битолските стари куќи на старите градските фамилии се нешто што ја прават нашата Битола поразлична од другите градови во Македонија. Големата историја заедно со приказните за старите фамилии е тоа кое што треба постојано да го негуваме бидејќи времето за жал брзо одминува. Овојпат сликовито се наоѓаме на самиот ќош од ул. Блаже Рогозинаро и ул. Булевар 1ви Мај, покрај течението на река Драгор кај долниот Мојсов Мост каде некогаш дел од реката скршнуваше во лева страна и продолжуваше кон еврејските градини и гинимаалските воденици.
Куќата е изградена во периодот од 1897 до 1904 г. од двајца браќа од село Буф, Егејска Македонија. Тие биле на печалба во Америка и откако се вратиле ја изградиле куќата. Материјалите за куќата се носени од Солун, а до ден денес има тули, ѓерамиди, шини и греди на кои се чита дека се произведени во Солун. Тие биле голема фамилија и во куќата живееле 36 лица.
Помеѓу 1920 и 1925 г. , цела фамилија се разболела од некоја болест и во рок од неколку месеци умреле сите до еден освен едно малечко чупенце кое било земено да го чуваат некои пријатели од Скопје.
Тие пријателите кои го зеле малото чупенце да го чуваат, куќата ја продале на некој општински инспектор Алексо Шуплиноски од с.Тополчани, татко на познатата историчарка и Ангелина Маркус. Алексо куќата ја купил за многу евтини пари од посвоителите на единственото преживеано чупе од фамилијата. Алексо Шуплиноски направил во куќата хотел и деловен простор, канцеларии и слично. Канцелариите извесен период пред Втората Светска војна биле користени како Еврејско училиште. Во текот на втората светска војна во куќата бил сместен Бугарскиот участак се до крајот на војната.
После Втората Светска војна Алексо Шуплиноски разбрал за законот за Национализација и еден дел од куќата го турнал намерно за да ја намали квадратурата, ама не успеал да го спаси дуќанот кој му бил национализиран во 1949 г.
Во куќата на Алексо Шуплиноски живеел некој офицер на ЈНА кој бил вдовец, ама имал две мали ќерки на воздраст од 10 и 12 години. После голема афера и семејна трагедија Алексо го губи својот живот и семејството се преселува во Скопје, додека куќата се продава на Риза Стојановска, но многу брзо по само неколку години негде околу 1960та Риза Стојановска му ја продала куќата на Јордан Паскоски од с. Обршани и во продажбата не влегол дуќанот кој бил национализиран.
Во куќата сега живее фамилијата Јосифовски и куќата за прв пат од нејзиното градење е реновирана во 2003 година и во согласност со Законот за заштита на споменици, со кој и оваа куќа е опфатен, зачувана е првобитната градба.
Со законот за денационализација дуќанот е вратен во сопственост на фамилијата Шуплиноски.
Куќата е дел од нашата мобилна андроид апликација Bitola Tour Guide и заедно со другите познати битолски куќи можете слободно и бесплатно да ја превземете ТУКА.
Голема благодарност до Виктор Јосифовски за пренесување на целата историја.
Доколку и вие имате ваша приказна за раскажување слободно да не контактирате.
За Битола и битолчани…