Восхитени од убавината која ја сретнавме низ шареноликите фотографии на Grazing Boxes, не можевме никако да останиме рамнодушни и одлучивме веднаш да ги контактираме. Знаејќи дека златните раце на нашите битолчанки можат далеку да ја пренесат нивната креативна енергија и убавина тука ќе Ви преставиме мал дел каде таа вистински ја достигнува нивната кулминација. Млади, убави и креативни. Во сегашниот случај, нашата млада битолчанка Арјона.

Која е всушност Арјона?

Здраво до вас и вашата публика. Арјона Исовска е 24 годишна девојка која е родена и живее во Битола. По струка сум дипломиран психолог, но моментално работам административна работа во приватна фирма. Дополнително, заради лично задоволство, работам со кутиите со храна кои ги подготвувам слушајќи гласна музика и одвреме навреме танцувајќи.

Од каде дојде идејата за преубавите колекции на Grazing Boxes?

Од кога знам за себе, љубовта кон храната ми е огромна. После љубовта кон храната се појави и љубовта кон сервирањето на истата. Колку и да немам време и се брзам, секогаш чинијата со храна треба да ми биде добро уредена, а се разбира и вкусна. Често гледав слики на интернет од grazing boxes кои што ми привлекуваа внимание и автоматски ми се креираа и мои лични идеи во главата. Идејата искрено не ја планирав долго време, дојде спонтано и сама. Се ближеше Нова година, која сите ја славевме дома поради пандемијата. Тогаш реков ќе ги изненадам моите дома со кутија полна со храна, па и ќе ја објавам и на Инстаграм да видам каква реакција ќе имаат луѓето. И стварно бев позитивно изненадена од реакцијата и мотивирана за да почнам нешто посериозно, како што е продавање на истите.

Од каде ја црпите инспирацијата за подготовка на една шарена и волшебна кутија, со перфектна комбинацијата и складност на суплементите кои ги содржи?

Инспирација ми се сликите кои ги споделуваат луѓето низ цел свет од прекрасни излети со кутиите полни храна, луѓето кои порачуваат и ја имаaт љубовта кон храната а и поддршката за мали бизниси. Инспирација ми се мојата сестра, моите пријатели, моите родители, бизнисите кои сакаaт да ме поддржат и мотивираaт секојдневно, тоа што луѓето наоѓаат време за себе и да уживаaт со моите изработки. Инспирација ми се насмеаните лица кога ќе ги видат кутиите.

Какво е чувството да го отварате светот на фантазиите со комбинирана храна? Дали тоа се забележува кај сите корисници?

Чувство на исполнетост, среќа. Велат дека кога ќе го правите она што вистински уживате да го правите, никогаш нема да имате чуство дека работите. А уште поголема е среќата кога и некој друг ќе направите среќен, пофалбите и восхитувањата кои ги даваат корисниците допираат до срце.

Сите кутии се направени со љубов, внимание и придржување кон сите хигиенски услови, додека шишињата се ставени во пластични основи и немаат допир со храната. Колку големини изработувате и дали цените се пристапни?

Изработувам три големини на кутии, и тоа: мала, средна и голема кутија. Изработувам блага, солена кутија или пак комбинација од двата вкусови. Отворена сум за каква било идеја и желба на луѓето. Може да се изработи каква било кутија, дали само овошна, дали веганска, да повториме некоја од сликите што се објавени или пак да оставите на мене. Цените се направени врз основа на нашиот скромен стандард.

Како изгледа еден слободен ден на Арјона без обврски?

Во последен период, многу ретко имам слободен ден. Обично деновите ми почнуваат од 5 часот сабајле, па ми завршуваат во 21 часот навечер. Утрински човек сум, и гледам што повеќе работи да направам од сабајле, вклучувајќи ги и двете мои работи. А кога имам слободен ден, може да ме најдете некаде на планина или пак одмарам дома и се спремам за следната недела.

За време на св. Трифун и Валентин украсувавте Grazing Boxes кои беа подарок за посетителите на апартманите Сомниа. Какво доживување беше тоа?

За еден човек што ризикува да отвори свој мал бизнис најдоброто што некој може да го направи е поддршката. Сомниа Апартмани за мене лично ќе има посебен дел и значење, затоа што беа првите со кои соработував. Беше успешно, интересно и доживување кое ќе ме потсетува секогаш на почетоците на овој мој мал бизнис. Кутиите се вклопија совршено со прекрасниот амбиент на апартманите.

Кои се вашите идни планови и што ќе подготвувате за 8-ми Март денот на жената?

Плановите во главата се безброј, но подобро би оставила на времето да каже што ќе биде. За 8-ми Март освен тоа што продолжувам да ги изработувам кутиите со дупла љубов за жените, сакам да ве известам и дека со Сомниа спремаме Giveaway кој може да го најдете на инстаграм профилот на Сомниа. Еве ви шанса да добиете бесплатно ноќевање со балкон на Широк Сокак и да уживате во вкусовите на моите кутии!


За контакт, порачки или повеќе информации можете да ѝ пишете на фб страната- Arjona’s Grazing Boxes, на инстаграм профилот arjona_is или пак на [email protected]