Реномираниот дански кинематографер Каспер Туксен има солидна филмографија од над 50 филмски наслови, меѓу кои и неколку комерцијално успешни филмови од кино репертоарите (последниот од нив е ЈАВАЧИ НА ПРАВДАТА, со Мадс Микелсен во главната улога). Филмот со кој Каспер Туксен се претстави на фестивалот „Браќа Манаки“ е „Најлошата личност на светот“/ THE WORST PERSON IN THE WORLD, кој е всушност последен од „Трилогијата од Осло“ на норвешкиот режисер Јоаким Триер, по филмовите РЕПРИЗА од 2006 година и ОСЛО, 31 АВГУСТ од 2011 година.
-Жал ми е што не можев физички да присуствувам на Фестивалот, поради пандемијата и се надевам дека од следната година веќе ќе може да патуваме и би сакал да присуствувам на „Браќа Манаки“. Светлото е клучно во овој филм бидејќи се претставуваат многу сезони од годината. Иако сум од Данска, не е многу различна од Осло. Таму поминав 4 месеци само во проучување на светлината и всушност имав можност да го видам светлата на Осло во една година и беше добра тактика цел ден да се помине на местото каде што ќе се снима и да го гледам светлото, да го проучувам и да испланирам како ќе се снима секоја сцена во било кој дел од денот. Сценариото зависи од светлото од самиот почеток бидејќи филмот почнува со сцена од зајдисонце, има многу периоди каде се менуваат делови од денот и сето ова се реализираше на овој начин бидејќи и режисерот сметаше дека светлото е клучно за визуелизацијата на неговата приказна, рече Туксен на денешната онлајн прес конференција.
Во филмот „Најлошата личност на светот“ следиме неколку епизоди од животот на една шармантна и интелигентна млада жена. Пред неа се можностите за речиси се’ што може да посака, живее во едно од најнапредните општества, но сепак изгледа дека почнува да ги испушта шансите кои ѝ ги дава животот и времето почнува да ја притиска. Особено е впечатлива смрзнатата сцена која преставува вистинска магија.
-За таа сцена вештачко светло се употребуваше само кога девојката си оди во станот и се враќа и светлото во станот. Се останато е изведено со снимање во право време и на право место. Ова е многу интересен пристап, луѓето требаше само да седат мирни, тоа во последно време е често употребувана метода, но нагласувам дека најголемиот дел од таа сцена е изведен под природно светло, објасни Туксен.
Селекторот Слаѓан Пенев го замоли Туксен да каже што мисли за системот за осветлување на Кристијан Бергер, кој е годинашен лауреат на „Златна камера 300“ за животен опус на „Браќа Манаки“ и кинематограферот истакна дека е запознат со ситемот на Бергер, но многу малку гафери знаат да ги работат неговите огледалца.
-Во Шведска имав можност да ги користам. Иако не беа неопходни беа корисни за рефлекција на Сонцето. За мене осветлувањето на еден филм е успешно направено кога не им пречи на актерите. Отсекогаш сакав да снимам со Јоаким бидејќи и тој верува во додавање на боите во светлата, да се потенцира руменилото на образите и светлината во очите на актерите, раскажа Туксен.
Ова е филм кој лесно ве вози низ приказната, нудејќи доволно содржини за забава и за тага, а прекрасно фотографираните интериори и екстериори на еден од врвните архитектонски градови, Осло, ја дополнуваат пријатната атмосфера на убавините и удобствијата на средната класа во напредните општества.
-Ми беше чест што работев на филм за борбата на една млада жена низ животот, што ме натера да помисла, на сопругата, на сестра ми, на сите мои жени пријателки, поранешни девојки…, рече Туксен.
Главната актерка, Ренате Реисве ја доби наградата за најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Кан.