„Добар ден, добар човеку!“ е писмото што освои сребрен медал на 49-тиот меѓународен конкурс на Светскиот поштенски сојуз, на тема „Напиши порака на возрасен за светот во кој живееме“.
На конкурсот учествуваа повеќе од 1.200.000 писма од деца на возраст од 9 до 15 години од целиот свет. Во оваа конкуренција Јана Поповска (11), од ООУ „Елпида Караманди“ – Битола го освои второто место.

Нејзиното писмо беше испратено во седиштето на Светскиот поштенски сојуз во Берн, Швајцарија, откако ја освои првата награда на литературниот конкурс објавен од АД „Пошта на Македонија“ во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на децата во Македонија.

Жири комисијата во состав Горјан Петрески – писател, Мустафа Ибрахими – писател, универзитетски професор и Марија Таушанска Анастасовска – новинар, очигледно, го направила вистинскиот избор за писмо-претставник на нашата земја, на ова престижно натпреварување.

Според извори од Македонска Пошта во повеќегодишното учество на конкурсот, досега не се постигнал ваков успех.
Соопштение за јавност од Светскиот поштенски сојуз во врска со одбележувањето на Светскиот ден на поштата 9 октомври и доделените награди, достапно на следниот линк:

https://www.upu.int/en/News/2020/10/11-Year-old-from-Belarus-scoops-UPU%E2%80%99s-International-Letter-Writing-Competition#

Јана е ученик во седмо одделение во ООУ „Елпида Караманди“ – Битола. Има посебен афинитет кон пишаниот збор. За тоа заслужна е и нејзината наставничка по македонски јазик, Сузана Петковска.

Постигнува успеси на различни полиња – природни науки, математика, странски јазици, скијање, одбојка и пливање.

Инаку, Јана сака дружење, сладолед и пливање во лето, скијање во зима, возење велосипед и одбојка во пролет и го сака училиштето во есен. Училиштето во есен!? Прочитајте го писмото, се ќе ви стане појасно…

И, да не заборавиме: Јана го чека писмото од Хогвартс! Уверена е дека ќе ја примат во колеџот за магии 🙂
Љубителите на Хари Потер сигурно ќе разберат!


Во продолжение Ви го пренесуваме текстот од писмото:

Добар ден драг човеку!
Јас сум едно 11-годишно девојче. Обично девојче. Се радувам на мали работи, но тагувам на големи…Се радувам на дружењето со моите другари и другарки, на сладоледот во лето, на скиењето во зима, на возењето велосипед во пролет и…на училиштето во есен. На училиштето во есен? – ќе прашате. Да, на училиштето во есен. И самата не знаев дека се радувам на училиштето во есен до неодамна, само до пред 10-тина дена.

Се случи нешто многу необично пред 10 дена. Училиштето се затвори. Престанаа да работат сите училишта. Насекаде! Низ целиот Свет! Ние, децата, останавме во своите домови. Не смееме да излезиме. Не смееме да одиме на училиште, не смееме да излеземе да поиграме со другарчињата, не смееме да и се радуваме на пролетта, на цвеќињата, на птичјата песна, на зелените ливади,… Светот околу нас го гледаме низ прозорското стакло. Со залепените носиња на прозорците тажно гледаме во расцутените дрвја и веселиот лет на птиците. Нема детски џагор на улиците. Детската смеа повеќе ја нема. Ги нема веселите детски лица со зацрвенети обравчиња и широки насмевки. Бескрајниот Свет околу нас стана Свет во четири ѕида; Свет во затворен простор.

Колку ли само мислевме дека го познаваме Светот во којшто растеме! И колку ли само мислевме дека тој никогаш нема да се промени! А, се промени…И тоа за само еден ден, еден миг! И сега? Сега го замислуваме нашиот „вистински“ Свет. Оној бескрајниот!
Ги замислуваме широките ливади со разнобојни цвеќиња, каде можеш да трчаш додека те „држат“ нозете, да се вртиш во круг додека ветерот си игра со развеаната коса, да се смееш и да пееш на сиот глас, додека твојата песна одѕвонува надалеку, далеку… А, потоа да се симнеш до разиграната бистра река, да ја угаснеш жедта со бисерно чистата вода, во која немирно танцуваат и потскокнуваат малите рипчиња, додека под сончевите зраци им се прелеваат крлушките во сите бои на виножитото.

Ги замислуваме белите бисерни планински падини, покриени со снежна бела обвивка. Се замислуваме и ние како играме со снегот што се топи во нашите раце, а Сечко ни ги зацрвенува обравчињата и ни ги расшмркува носињата… Но, играта и радоста ни се поважни од студенилото на игривата зима. И се скиеме, и се санкаме… Се пуштаме по планинските падини натпреварувајќи се со ветрот. Свежиот и чист воздух ни ги полни градите. И среќни сме!
Ги замислуваме чистите езерски и морски води, разиграните бранови и сончевите зраци што ја допираат водата и веднаш отскокнуваат од неа, правејќи блескава магија, што не заслепува. Се замислуваме себеси како потскокнуваме во морската пена од брановите што се прекршуваат на песочниот брег. Околу нас има полни трпези, мостови, величенствени замоци! Од песок, секако! Ги изградивме ние, со нашите вредни рачиња! И весели сме!
Но, дали мојата фантазија е и реалност? Дали тоа што го замислувам е вистина? Дали мојот памет си „игра“ со мене само поради тоа што не можам да излезам надвор?
Вака си го замислувам мојот совршен Свет. Свет во којшто се е весело, се е разиграно, распеано и во којшто, најважно од се, се е чисто!

Но, се сеќавам на еден друг Свет. Оној којшто го оставивме кога наш Свет станаа четирите ѕида од домовите. Се сеќавам на загадените реки, езера, мориња, океани. На тони разнобојна пластика како пловат по водните површини. На водениот свет што се бори за свое место меѓу пластични ќеси и рибарски мрежи.
Во сеќавање ми се и уништените планини, купишта трупци од исечените дрвја. Слики од „повредената“ планина, соголени падини на коишто веќе не се слуша песната на птиците.
Се сеќавам на обоениот воздух во зима. Се сеќавам дека не можев да дишам со полни гради. Се сеќавам и на мојата жолта маска за воздух. Разиграните мечиња на неа не можат да го исчистат воздухот, па дури и тие изгледаа тажно…А, црните „јазици“ од високите оџаци на блиската централа се извиваа кон небото како злокобна најава за тоа што не „чека“.
Се сеќавам и на ридовите ѓубре што сведочат за човечката несовесност. И за изгладнетите кучиња кои бараат остатоци од храна во тие ридови.
Се сеќавам, за жал…
Но, добар човеку, зар не е поубав мојот Свет што си го замислувам? Не сакам да се сеќавам! Добар човеку, зар не може мојата фантазија да стане реалност? Мојата фантазија МОРА да стане реалност! Јас не сакам Светот околу нас да остане ист каков што го оставивме само пред десеттина дена! Јас, ние децата сакаме разнобојни ливади, чисти потоци, зелени планини, здрави животни, разлетани птици, сини езера и мориња, Свет обоен со сите бои на ѕуницата и распеан од безброј различни мелодии, слеани во една совршена песна што ја пеат заедно и водите, и инсектите, и птиците, и ветерот, и дождот, и животните, и луѓето! Зарем не би било убаво мојот замислен Свет да стане Светот околу нас?
Замисли само!
Поздрав од обичното девојче!


Голема благодарност до Наташа Петрова Поповски и Боби Поповски.

Честитки за Јана и освоениот медал. Браво.