Од КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола А, Индустриска Зона Жабени, Битола (во понатамошниот текст: „КШМК”) 15, мај 2020 година

Предмет: Информација за јавноста

Во време кога ситуацијата во државата и во целиот свет е сеуште сериозна и крајно неизвесна поради што бара сите заеднички да придонесеме за изнаоѓање начини како истата да се преброди со најмалку негативни последици, првенствено за здравјето на луѓето а потоа и за економијата, ве известуваме дека шпекулациите за повторен прекин на работата во нашата фабрика се неточни.

Ние моментално работиме со две смени на проектите за Мерцедес, за кои извезуваме во Шпанија и во Германија. Со ова се вратени на работа вкупно околу 2200 вработени.

Како што веќе претходно беше известена јавноста, првата смена започна на работа на 27.04 со што делумно го рестартиравме производниот процес после месец и половина комплетен застој. Тогаш беа вратени на работа првите 1000 луѓе и сукцесивно, како што се зголемува обемот на работа и нарачките од клиентите, секоја недела или на две недели, ги интегрираме останатите смени и проекти.

Втората смена на овие проекти започна на работа на 04.05.2020, односно се вратија на работа околу 2200 вработени.

Третата смена на проектите за Мерцедес ќе започне на работа наредната недела, на 18.05.2020, со што на работа ќе се вратат повеќе од 3000 вработени.

Во моментов имаме најава дека за нашиот трет проект за Ауди ќе започнеме да добиваме нарачки некаде кон крајот на мај, кога ќе започнат да се повикуваат на работа и вработените распоредени во овие работни области.

Според моментално расположливите информации, очекуваме дека до крајот на месец мај ќе работиме со некаде 70-80% од целокупниот капацитет, со надеж дека до крајот на јуни ќе успееме да ги рестартираме сите смени, на сите три проекти.

Во соработка со Центарот за јавно здравје Битола и Државниот Инспекторат За Труд, делот за Безбедност и Заштита При Работа, превземени се сите мерки потребни за заштита на здравјето на вработените, од моментот на пристигнување на автобуските постојки, превозот од дома до работа, пристигнување во објектот, во текот на целото работно време, користење на паузите и патот од фабриката до дома.

Останува на свесноста, одговорноста и искреноста на секој вработен, секој посетител, добавувач, соработник, вршител на услуги па крајно и секој човек да ги почитува мерките и да информира доколку имал/а некаков ризичен контакт лично или преку некој од најблиските.

Без разлика колку и какви мерки ќе се превземат, доколку истите не се почитуваат или луѓето не се искрени за контактите, се отвара можност за непостигнување на целта, а тоа е заштита на здрвјето на вработените и јавното здравје.

Дополнително, информираме дека неизбежно и сериозно сме погодени од генералната ситуација во која се наоѓа автомобиската индустрија заради намалена продажба на возила на Европскиот пазар поради појавата на кризата со корона вирусот. Нашата работа е тесно поврзана и целосно зависи од обемот на работа на нашите клиенти во Шпанија и Германија. Поради ситуацијата со корона вирусот, нарачките од клиентите, односно продажбата на возилата за кои нашата фабрика изработува кабелски снопови се драстично намалени поради што мораме организациски да се преструктуираме согласно новиот обем на работа.

Се надеваме дека сите се свесни дека оваа ситуација не е резултат на работата на локалната фабрика ниту на нечија волја, туку на економската и здравствена криза со која се соочува целиот свет, поради што големи промени се случуваат во скоро сите компании и сите индустрии и области на работа, од кои најпогодена е автомобилската.

Ние ја следиме ситуацијата и превземаме мерки кои ќе бидат соодветни и во корист на мнозинството наши вработени, со цел да задржиме најголем број работни места и да обезбедиме стабилност и сигурност за вработените и компанијата.

Неминовно е дека ќе треба да поминеме низ период на опоравување, ќе треба да се преструктуираме и да се прилагодиме на новите услови и обем на работа и сето тоа ќе го направиме со цел најбрзо што може да ја пребродиме оваа криза поради која многу од нашите планови за развој се ставени во мирување сé до повторно создавање на услови за нормално функционирање.

Апелираме до сите дека сега не е време за шпекулации, невистини, омраза и критики, туку време за солидарност, заедништво и меѓусебно помагање. На никого не му е лесно и секој човек како поединец, секое семејство, организација, град па и сите држави прават напори и изнаоѓаат начини да се справат некако и да функционираат најдобро што можат во овие новонастанати услови.

Треба искрено да си посакаме здравје, сила и мудрост да носиме добри одлуки, да правиме паметни избори за да опстанеме и да останеме здрави за да повторно можеме да вработуваме, создаваме, растеме и да се развиваме, односно да создаваме можности за подобар живот за што повеќе луѓе.

КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола во изминатите години со дела има докажано дека кога можеме да имаме работа, ние вработуваме, подаруваме, зголемуваме плати. Кога сме можеле – сме вработиле и сме дале најмногу ! Како тим навиваме и едвај чекаме повторно да можеме да работиме така и да продолжиме онаму каде што застанавме пред кризата.

КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола е општествено одговорна компанија која се грижи за вработените и за градот Битола и овој пат апелираме до сите:

Слушајте и почитувајте ги препораките на Министерството за здравство.

Преку индивидуална одговорност и свест, сите заедно треба да покажеме почит за здравствените работници, превозниците, вработените во маркетите, новинарите, таксистите и сите други есенцијални работници кои неуморно работеа и придонесуваа сите овие месеци животот да се одвива понормално, бидејќи само на тој начин ќе придонесеме сите оваа вонредна состојба да заврши побрзо и со помалку афектирани граѓани.

По којзнае кој пат повторуваме, вирусот евентуало ќе помине, но да се потрудиме да помогнеме тоа да биде со што помалку негативни последици и да излеземе сите психофизички здрави, посилни и најважно, подобри луѓе од целата оваа криза.

Со Почит, КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола

Индустриска зона Жабени, Битола