Виктор Коњановски (27) е битолчанецот кој го пронајде нашиот сограѓанин по кого два дена имаше потрага од Тимот на ДЗС за спасување и планина, МВР СВР Битола и доброволци.
Денешниот светец Атанасиј е негов заштитник бидејќи тој е роден за празникот св. Атанасиј зимски. Го пронајде во близина на градилиштето каде е ангажиран како инжинер:
“Мојата работа моментално е на градилиштето во битолската касарна како инжинер. Во близина на градилиштето т.е преку каналот забележав човечко тело и по интуиција бидејќи имав прочитано на интернет дека има некаде загубен човек реков да проверам за сигурно.
На 10-15 метри дијагонално од аголот на нашето градилиште се приближив поминувајќи еден мал мост кој е направен од нашите работници и кој поминува преку каналот од остатокот на река Курделец. Приближувајќи се до него најпрво гласно извикав “Господине” неколку пати. Тој мрдна со рацете. Веднаш со трчање се вратив назад, ја зедов маската и наполнив шише со вода. Преку мовчето заминав према него каде теренот e непристапен од наша страна, обрастен со треви и гранки. Тој најверојатно паднал од другата страна. Се доближив до него и забележав дека диши. Легнат беше на грб. Го испрскав со вода прво на рацете, па на лицето по што мрдна и со лицето. Веднаш се јавив кај татко ми да ги извести неговите најблиски бидејќи се познаваме и да викни Брза помош. Мислам дека Владо не беше при свест.
Колку што можев да разберам од екипите кои пристигнаа на лице место тој беше дехидриран. Но сепак толку време без вода и храна, на таа возраст имаше голема среќна околност дека беше цело време под сенка.
Се чувствувам многу среќен бидејќи поможив за спасување и пронаоѓање на загубен човек. И да не знаев дека тој е Владо сигурно ќе повикав брза помош, само за да дојде и да се помогне.
За мене денес херој е дедо Владо кој на таја возраст успеа да издржи толку време без помош и без разлика што му се има случено. Сите ние другите за денес сме во втор план- ни изјави за крај Виктор.
Од нас да ги поздравиме сите оние кои секојдневно и несебично придонесуваат и помагаат да имаме среќен крај вклучувајќи и ангажираните служби, доброволци и волонтери. На Битола му се потребни баш такви луѓе.
Со почит.