Македонскиот портал Мускултура.мк направи интервју со нашите пријатели од македонскиот боречки клуб Нинџутсу од Битола кои неодамна на 21-ви мај постигнаа високи успеси во меѓународниот турнир во Џиу-џицу во Белград. Со 6 натпреварувачи, тие освоија 3 златни и 2 сребрени медали во конкуренција со 400+ натпреварувачи.

Но пред сè за да стигнат до таму, тие најпрвин морале да победат на едно друго место.

Натпреварувачите се Игор Додевски, Филип Божиновски, Трајче Мицевски, Бојан Милески, Маријана Јоноска и Дамјан Стојчевски, на чело со нивниот тренер и ментор Сашко Мирчевски.

Тоа друго место е и еден од нивните главни принципи:

Победата се освојува на самиот тренинг. На турнир само го земаш тоа што ти припаѓа.

Овие вредности му се вродени на спортот и се основа на секое поле во животот. Можеби денес малку се заборава која е вистинската намена на спортот. Тој не е само играње со топка, шутирање или скокање. Спортот е многу повеќе од тоа.

Луѓето како Сашко и неговите натпреварувачи не дозволуваат тоа да се заборави.

Како се станува победник и на што се должат вашите успеси?

Бојан: Победник се станува со многу тренинг, физичка и психичка работа на самиот себе со однапред посакана цел и желба за победа. Според мене клучен елемент за успех е упорноста.

Филип: тоа се должи на упорност, издржливост и секако напорен тренинг.

Трајче: Победник се станува со многу работа, тренинзи и со голема волја.

Маријана: Моите постигнати успеси се должат на изминатите тренинзи и посветеноста на вештината која ја тренирам, се должат на мојот тренер кој успешно нѝ предава техники до целта и се разбира тимот што ми дава поддршка и што ме мотивира. Победник се станува пред сè со волја, самодоверба, со мотивација, со поддршка од екипата.

Дамјан: Победник се станува најпрво со упорност, амбициозност и желба за учење на техника. Со доволно вложен труд може да се постигнат многу успеси и да се поместат многу претходно замислени граници.

Игор: Моите успеси најмногу се должат на напорната работа, посетување на многу тренинзи, кампови и семинари, посветеност на тренинг.

Нивниот тренер и ментор Сашко вели: „За да се стане победник, шампион, најпрво бара да се има цел за тоа и љубов кон нештото. А кога се има цел, прашање на време е кога тоа ќе се реализира. Секако во сето тоа треба да се исполнат фактори како посветеност, сериозен, редовен и правилен тренинг во квалитетна школа во која се работи со сериозен пристап, надминување на сите препреки кои во суштина нѝ се нашиот тест за тоа колку навистина го заслужуваме тоа за кое напорно работиме и ја трошиме нашата енергија.“

Продолжението и цело интервју ТУКА.