Во Битола низ векови наназад имало дури стотина анови. Според некои записи првиот ан бил подигнат во 1435 година големиот добротвор за Битола, Сунгур Чауш Беј. За битолските анови пишувал и турскиот патеписец од 17 век, Евлија Челебија кој во својот тефтер забележал дека по ановите се пее, се игра, се јаде до зори, било многу весело и имало многу девојки. Откако Челебија ќе запишел се што ќе му се видело интересно влегувал во некој од ановите и додека јадел бележел што има на софрите, печено јагне, бирјан, капама, риба и разно овошје донесено од сите страни на светот.Еден од битолските анови кои имал голема историска вредност од илинденската епоха е Анот на Брдарот. Деновиве забележавме дека е рушен и не постои повеќе. Самата нова конструкција и изведба ни покажува дека тука сега ќе има најверојатно стамбена зграда, но за тоа да оставиме на времето да покажи. За неговата историја пред неколку години забележавме натписи во Битолски весник каде за неговата големина има лични сведоштва од илинденци кои се уште биле живи и со цврста меморија, меѓу кои и дедо Трајан Митревски кој тогаш имаше 94 години.
Живееше непосредно зад здравствениот дом и тогаш се уште добро се чувствуваше, а во сеќавањата му останале спомените за позначајните моменти од пред Илинденското востание, самото востание и по него. Покрај другите во Битола и тој имал значајно место во активностите на Револуционерната македонска организација. Бил борец во четата на Горѓи Сугаре, а пред тоа бил еден од познатите курири во анот на Тодор Цветков Брдаро.
Некогашниот ан на Брдарот, локација ул. 15-ти Мај во близина на Ат Пазар
Еднаш оттука бил спроведен и в затвор. Еве како се случило тоа:
„Некаде пред 1900 година, работел во анот што бил сопственост на тројцата браќа Цветкови: Тодор, Никола и Веле. и Трајан, како и Тодор, биле немирна и избувлива природа. Еднаш се замерил со некој Турчин зулумќар. Не требало многу и при еден мал повод тој
го нападнал. Зулумќарот бил избоден со повеќе убоди од ножот што го носел Трајан постојано со себе. Тоа полицијата го дознала, но не можела да го најде Трајан. Тогаш му се заканиле на Тодор дека мора да го донесе во нивната зграда. Тодор се правдал дека не знае каде е и дека не доаѓа во анот откако се случила тепачката. Но, предупредувањата од полицијата биле прилично застрашувачки. А Тодор се подисплашил да не биде тоа причина полицијата да се заинтересира нешто повеќе за
неговиот ан и она што се случувало во него.
Бидејќи знаел дека нешто многу страшно не може да му се случи на голобрадиот Трајан, тој еден ден го зел за рака и го однесол во зградата на полицијата. Тие го
затвориле во „кафезот“. Тоа била железна ќелија што била вистински кафез. Не поминало долго време и во просторијата влегле двајца полициски старешини. Трајко го познавал турскиот јазик и разбрал убаво што зборуваат меѓу себе.
Овој ли е тој „опасниот“ комитџија? – прашувал постариот.
Тој е, ефенди, одговорил другиот.
Зарем овој голобрадец, може да биде опасен? – прашал повеќе со чудење првиот.
Ефенди, плаши се од малата змија. Неа не можеш да ја видиш, а големата лесно ќе ја забележиш и се ќе сториш за да куртулиш, зборувал помладиот со извесна нота на иронија во гласот.
Трајан останал до вечерта во затворот. Штом се сприквечерило, некој ја отклучил железната решетка и му наредил да излезе. Потоа му дале некое писмо да однесе до Јени Маало и веднаш да се врати. А, како ќе се вратев пак назад кога знаев што ме чека, зборуваше насмевнато дедо Трајан беше и лесно да ги заметнеш трагите. Само пресоблечи се за да не те открие. Полицијата отишла пак да го бара кај Тодора, тој пркос, Трајан не се вратил пак во затворот. А кога полицијата го запраша Тодора а тој одговорил дека него им го предал еднаш и сега не знае каде е ниту пак го интересира повеќе сето тоа.“
Анот на Брдарот, под синџирот од стара чаршија (некогашен изглед).
Тоа е сè уште периодот меѓу 1890 и 1900 година, Уште тогаш, анот на Тодор малку бил достапен за зулумќарите. Но, сепак, по некој во поднапиена состојба ќе влезел во анот. Иако добро ги познавал околностите, избегнувал да прави кавга. Уредно се напивал и си плакал. Оти, секогаш околу себе ја чувствувал наҡострешеноста
на луѓето, кои чекале да им се даде само мал повод за да се создаде расправија, а потоа и тепачка и секогаш зулумќарите го извлекувале подебелиот крај.
Еден Турчин – зулумќар, секако новајлија, влегол во анот. Сите гости погледнувале во Цветко и со очи го прашувале кој е? А тој само ги кревал рамениците.
Новодојдениот почнал да пие. Откако се напил повеќе чашки, Цветко побарал да плати. Тој не сакал. Тоа било доста за го фатат и да го истепаат толку силно, за да може да стигне само до брегот на Курдeрeс, дури во утринските часови, и тука да подлегне на повредите. Турската полиција долго трагала потоа, но оние што го ликвидирале зулумќарот останале неоткриени.
Една група од десет комити му била дадена да ја раководи војводата Тодор Цветков. Задачата на оваа десетина била да слезе одгората и да обиколи повеќе потпелистерски села, а потоа да оди во полето и тука да организира нови чети. Групата, на чело со Тодор, успешно крстарела повеќе месеци по теренот. Минала низ Ѓавато, Лера Цапари и други села. Насекаде ги собирала луѓето, го будела во нив националниот дух и ги подготвувала за големата борба што била на прагот.
Задачата да го мобилизираат населението комитите ги довела и на мариовскиот терен. Тодор содесетината што ја сочинувале: Ристе Будаковчето, Боше Талевски- Трапчанец, Темелко Леринчанчето, Лазо и Мито од Битола, Коста, син и татко од Бач (за нивните имиња дедо Трајан не се сеќава) и Петре Басаро, тргнал кон Чарлија, Но, во меѓувреме, некој од мештаните што бил дослушник на аскерот ги забележал и ги предал. Групата
комити за тоа ништо не знаела. Се движела претпазливо, но кај Трап била изненадена.
Од целата десетина останал жив само Петре Басаро. Го спасило тоа што не бил во комитска облека и што не го погодил ни еден од аскерските куршуми. Десетината храбро се борела повеќе часови, но не можела ништо повеќе да стори со повеќекатно побројниот непријател. Месноста меѓу Будаково и Чарлија, позната под името Карабатица, по неколку часовна престрелка престанале пукотниците. Во зеленилото останале да лежат деветте комити, меѓу кои и бујниот Тодор Цветков.*
Стара Битола полека ја снемува и се нагрдува со новите градби кои воопшто немаат душа ниту изглед за да се вклопат на ова место. Ниту Законот за заштита на старо градско јадро донесен пред некоја година ниту било која институција повеќе не е заинтересирана сето тоа да ни се заштити и еднаш да се стави крај на нашето самоуништување. Така деновиве си замина и анот на Брдарот за кого немаме информации дали беше под заштита, но сигурно и да не беше евидентиран за него важи Законот за заштита на старо градско јадро во Битола.
Можеби новите сопственици повторно ќе го изградат со изглед кој го имаше до сега, ќе оставиме на времето да ни покаже. Но тоа до сега останува само на така, на можеби.
*неколку извадоци (продолженија) од Битолски весник В. Ласковски