Петар Ставрев е пензиониран битолски новинар и фоторепортер кој си годините веќе е навлезен во неговата 8-ма деценија. Иако пензионер, сеуште е активен во истите сфери и секојдневно можете да го сретнете дали на Пелистер или низ Битола како ги фотографира значајните моменти, настани, луѓе, лознати битолчани, архитектура и природни убавини.
Роден на 29-ти Мај 1941 г. во година кога започнува Втората светска војна и истиот во 1967 г. е учесник на Меѓународните сили од Југославија кои учествуваа во мировната мисија за време на војната во Египет. Од образование Петар има завршена учителска школа после која работи една година како учител во училиштето во прилепското село Бела Црква за потоа да ја започне 15 годишната кариера во Радио Битола. Од Радио Битола станува дописник на НИП НОВА МАКЕДОНИЈА за Битола за весниците Нова Македонија и Вечер од каде се пензионира. Има посетено 18 држави, има направено фото 50 изложби од кои повеќето се за “Убавините на Пелистер” .
Во два мандати беше Претседател на Активот на новинари, вкупно 8 години, член на Претседателството на новинарите во Македонија и еден мандат Претседател на Фото Сојузот на Македонија. Добитник на повеќе награди и признанија. Во неговата архива има над 15.000 лонг плеј плочи, безброј фотографии и новинарски натписи од кои очекуваме еден ден сите да ни ги натокми и да ни испечати книга. Во неговата фото колекција ги има и концертите од Ролинг Стоунс и Дајр Страитс каде беше присутен и самиот.
Фестивалот на камерата Браќа Манаки и Илинденските денови се исто така дел од неговата архива и 6 децениско фотографирање. Околу 40тина години се занимава и со планинарство, и сеуште секојдневно можете да го сретнете на Пелистерските патеки кај Големо и Мало езеро, Антена, Црвени стени, Јоргов камен, Видиковец, св. Спас и Вртешка и други. Покрај сите македонски планински и европски врвови како најголемо достигнување го брои освојувањето на Монт Блан во 1998 г.
Околу 20 години секој 2-ри Јануари во време со најголемите виулици и снегови, пешки се искачува на Антена каде веќе станува препознатлив со отворање на шампањско по повод пречекот на Новата година.
Петровден го памети како ден кога повеќе од 40 лица биле присутни на визита и Именден во неговиот дом, додека сега заради состојбата добива само телефонски повици од Белград, Скопје, Охрид, Прилеп, Кавадарци и Битола. Денес најмногу се почуствува среќен од честитката и доаѓањето на неговиот внук Марко од Љубљана, каде тој студира и каде Петар бил војник една година.
За нас значајно е тоа што ни го спомена дека баш на овај ден Петровден, во с. Галичник се одржува Галичката Свадба каде неколку пати бил присутен таму, наместо дома да чека гости. Неговата страст да биде на лице место кај збиднувањата била поголема од сѐ, од каде моментално ги поседува и најубавите фотографии.
Битолчанецот Петар Ставрев е исклучително пријатна личност и неуморен хроничар на градот, и на наша голема среќа тој е наш сограѓанин кој секојдневно е присутен за дружење на Широк Сокак и Шеталиште. Некој од нас ја има таа чест секое попладне на клупите кај Студентски, но за тоа во друга прилика.