Првиот театар во Битола бил изграден од страна на Валијата Абдул Керим Паша. Тој сметал дека еден модерен град како Битола, треба да има и театар. За локација ја одбрал најцентралната точка на Широк Сокак, па и на Битола. На тоа место имало турски гробишта, па и покрај негодувањето на турското население, тој преку ноќ, со помош на затворениците и војската го срамнил местото и во 1897г. започнало градењето. Театарот бил пуштен во работа во 1905г. Во 1912г. бил целосно опожарен, па представите продолжиле во хотелот “Босна“. Врз урнатините на тој театар, подоцна, бил изграден театарот кој многу од нас сеуште го паметиме.

Новата зграда била изградена во 1926г. Во внатрешноста имало голема сцена, а седењето било организирано со партер, ложи и балкон. Ѕидовите биле бели, со многу декоративни елементи, и давале убав контраст на црвените кадифени завеси. Завесите пак, биле поклон од Кралицата Марија Караѓорѓевич и истите останале се до рушењето на театарот.


Во 1946 театарот бил целосно реновиран, биле додадени билетарницата и балконот. Фасадата била измазнета и со новиот изглед бил еден од првите објекти со модернисрички изгледа во Македонија. Тука се одиграле преку 200 премиери.

Валентина Цветановска